Жители на Кочани за „360 степени“ велат дека градот доживува кошмарна ноќ. Пожарот навлегува се подлабоко во населбите, а зачаден е целиот град. Според информациите што ги добивме и се обидуваме да ги потврдиме, во кочанската болница постојано доаѓаат граѓани со повреди и тешкотии со дишењето.
Откако градоначалникот Николчо Илијев се пожали дека Центарот за управување со кризи не им го испратил хеликоптерот за гаснење, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, за „360 степени“ вели дека тие имаат надлежност околу ангажирањето на хеликоптерот за гаснење, но тој не може да лета ноќе, а и претходно гаснел на друга локација.
„Хеликоптерот беше во Старо Негоричане. Имаше многу сериозна ситуација кадешто имавме животозагрозувачки ситуации, за среќа нема повредени и нема загинати. И таму настрадаа неколку куќи во селото Кокино и уште едно село. Хеликоптерот не може да лета ноќе, тој е употреблив само преку ден“,
информира Ангелов.
Од Дирекцијата за заштита и спасување на Фејсбук информираа дека по избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, ДЗС организирале итен состанок за мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС.
„Од директорот дадена е наредба за мобилизација на тимовите за пожари во Валандово, Виница, Берово, Битола, Гостивар, Куманово и скопскиот тим од Карпош. Предложено да се вклучат и доброволните противпожарни друштва. Вработени од ДЗС по координацијата се упатени кон загрозените подрачја, како што се Старо Нагоричане, с. Бели Кочани и с. Новаци Битола со цел проценка, координација и помош на загрозените подрачја. Апелираме до сите граѓаните да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат ДЗС за пожари во целата територијата на државата“,
напишаа од ДЗС.
Видеото што до нашата редакција го испрати жител на Кочани го доловува „хоророт“ со кој се соочуваат. Тој рече дека пожарот е во Белско Маало, во правец кон Пониква, а од селото Бели до градот се е изгорено, зафатени се и куќи, а тие што не се зафатени немаат вода.