Македонија има Закон за младинско учество и младински политики од 2020 година. Иако се поминати шест години оттогаш, спроведувањето на законот не е ниту до половина во поглед на воспоставувањето механизми и институции со кои младите ќе се вклучат во одлучувањето
Процесот се одржува во живот во голем дел и поради поддршката која ја дава ЕУ за граѓанските организации. Од надлежното Министерство за социјална политика, демографија и млади најавуваат нов закон
Замислуваме Западен Балкан во кој на младите им е дадена моќ да бидат рамноправни партнери во носењето одлуки, имаат пристап до квалитетно образование и можности за вработување, уживаат во сеопфатни здравствени услуги, целосно учествуваат во културниот живот и предводат климатски активности за одржлива иднина.
Овие зборови се дел од заедничката декларација што лани во Скопје ја потпишаа млади од Србија, Косово, Албанија и Македонија. Меѓународната конференција обедини 180 учесници.

Една од целите беше и сѐ уште е – унапредување на младинските политики во регионот.
Конференцијата во Скопје се одржа со финансиска помош на Фондот за Западен Балкан на ЕУ. Еден од организаторите на терен беше активистот Виктор Бучковски.

„Мислам дека кога ќе видиш другите од другите држави, дека има слични на тебе, тоа те охрабрува дека сепак регионот има некоја нова сила, на која ако ѝ се даде простор, може да го движи“,
вели Виктор Бучковски, активист.
Просторот кој им е отстапен на младите во земјава за да ги движат работите е содржан во Законот за младинско учество и младински политики, или скратено Закон за младите.
Основниот механизам за канализирање на нивните идеи, на општинско ниво, се Локалните младински совети. Членовите треба да се млади избрани во посебна процедура. На број, најмалку една третина од бројот на советници во општината. Потоа, треба да изберат и предложат конкретни проекти од интерес на младите кои би ги спровела општината.

Отидовме до Пробиштип, затоа што таму, повторно со финансиска помош од надвор, се спровел проект со кој општината усвоила акциски план за исполнување на заеднички утврдени барања на младите. Еве, илустративно, за што станува збор.
„Дел од активностите коишто ги опфаќа тој документ се субвенционирање за изучување на странски јазици за младите од нашата општина. Ослободување од трошоците за фирмарини за секој млад човек до 29 години којшто има желба да основа свој сопствен бизнис. Обезбедување средства за субвенционирање на велосипеди за млади и секако, поврзано со тоа, за подобрување на инфраструктурата за велосипедски патеки“,
објасни Василија Василева, претседателка на Локалниот младински совет – Пробиштип.
Предизвик било да се направи документот, вели Василева. И за младинскиот совет и за општината. Се надева и дека локалната власт ќе исполни барем дел од ветеното.
Но, апсолвентката на Економскиот факултет при УКИМ, која посетува семестар во Португалија преку програмата „Еразмус“ и воедно работи про-боно во локалниот младински совет вели – слабее органот кој треба да ја држи власта за дадениот збор.

„Моментално ние сме пет членови. Меѓутоа, го имам тоа чувство дека паѓа ентузијазмот кај членовите. Тоа ниво на работа не е исто како на самиот почеток. Најчесто се сведуваме на двајца активни членови коишто се залагаат за тие политики за млади и активности коишто се организираат и ги организиравме во Пробиштип.“
Пробиштип е општина со 12 617 жители, според последниот попис. Има нови генерации, но тие се се помали.

Дали е тешко да биде градоначалник?
– Не е тешко, ама не е ни лесно. Има многу работа градоначалникот…
им одговараше градоначалник Тони Тоневски на учениците кои беа во посета на Општина Пробиштип кога снимавме.
Тешкотијата, особено во помалите места, е да се воведат содржини што ќе ги задржат младите, дури и од најмали…

„Ние како општина имаме преземено доста обврски од тоа што го има, што го содржи законот за млади. Меѓу кои имаме организирано и младинскиот совет, имаме и младински центар со доста активности. Имаме и акциски план за млади усвоено“,
изјави Тони Тоневски, градоначалник на Општина Пробиштип.
Дел од овие активности за вклучување на младите, признава и градоначалникот, се завршиле со директна или индиректна поддршка од ЕУ или земји-членки на ЕУ. Во неговиот настап за „360 степени“ остава впечаток дека и самостојно ќе продолжи на тој пат.

„Како локална самоуправа јас сум задоволен од работата на младите, меѓутоа мислам дека можат повеќе и се надевам дека во иднина ќе бидат уште поактивни и ќе учествуваат, како што кажав и пред малку, не само во нивната работа и во нивниот домен, туку активно да се вклучуваат во донесувањето на одлуките на самата општина, на Советот на Општина Пробиштип и на сите активности тие треба да бидат движечката сила.“
Пробиштип, и покрај предизвиците, го посетивме како позитивен пример за вклучување на младите и спроведувањето на законот за млади на локално ниво.

На ниво на цела држава, од вкупно 81 единици на локалната самоуправа, локални младински совети како во Пробиштип, до декември 2025 година имало само во вкупно 24. Така покажува последниот годишен извештај на Националниот младински совет.

Дека состојбата деградира говори фактот дека во 2024 имало повеќе – 28 локални младински совети, а годината претходно состојбата била и подобра – 34.

Понатаму, младински центри и младински канцеларии има само во 15 од 81 единици на локална власт. До некаде посолидна е само состојбата со службеници за млади во општината – има 57.
„Мојата порака е дека треба сите градоначалници активно да се вклучат, да ги донесат сите потребни документи што треба да ги имаат младите. И, што е можно повеќе да ги вклучуваат младите бидејќи тие се иднината и тие треба да бидат двигатели на општеството“,
изјави Тони Тоневски, градоначалник на Општина Пробиштип
„Да се биде младински активист не значи само пасивно набљудување на проблемите и предизвиците коишто не опкружуваат секојдневно и зборување за истите на кафе муабети туку вистински да се преземе некоја иницијатива за промена на нештата. РЕЗ (прави грешка) Бидејќи ние не можеме да очекуваме дека нашиот другар, сосед, братучед ќе ја направи промената а не се погледнуваме самите себе и не преземаме никаква акција“,
вели Василија Василева, претседателка на Локален младински совет – Пробиштип.
И активистот Виктор Бучковски, кој и во минатото и сега работи на младински прашања, повикува на ангажман. Но, вели, со чест на исклучоците, немањето волја да се спроведе законот донесен во 2020-та година значи и дека можеби треба да се промени пристапот.

„Доколку институциите не ги почитуваат младите, младите треба со исто непочитување да вратат кон институциите бидејќи институцијата, гледам од моето досегашно искуство, дека единствениот момент кога ги разбира младите како релевантен фактор е доколку се загрижи за нејзината стабилност“,
изјави Виктор Бучковски за „360 степени“.
А, колку според него политиката се грижи за младите, Бучковски објаснува илустративно.
„Јас мислам дека политичарите, независно од кој политички естаблишмент се, генерално не ги почитуваат младите. Ги гледаат како еден украс или инвентар во нивните политики. Некаков индикатор или ако некој голем настан да бидат поставени на слика додека реално не ни размислуваат нивните потреби како релевантни.“
Освен што доцнат општините, со имплементацијата на Законот за младинско учество доцни и централната власт. Донесена е Национална стратегија за млади и оформен е Истражувачки центар. Но, иако треба да го има – не е формирано Национално советодавно тело за младински политики и Национално собрание за млади.

Драгана Каровска-Чемерска од „Хера“, организација која ја реализираше и меѓународната младинска конференција во Скопје и проектот со кој барањата на младите влегоа во плановите на Пробиштип, го објаснува маѓепсаниот круг поради кој не може да се формира највисокото – Националното советодавно тело за младинско политики
„Тоа тело не може да се формира од проста причина што, за да се формира треба да има собрание. За да има собрание треба две третини од организациите што работат со млади да се соберат. А тие не можат да се соберат затоа што регистарот на младински организации не е ажуриран. И, сега, министерството не го ажурира затоа што не е формално во нивна надлежност, за тоа е потребни законски измени итн и итн… Ние сме свесни дека се тоа комплицирани процедури, меѓутоа повеќе од две години се поминати откако министерството требало да си ги преземе надлежностите. Навистина, веќе не постојат никакви изговори, освен немање политичка волја.“
Ова е само еден пример, додава таа, поради што се потребни законски измени.

„Самите процедури административни да се воспостават тие механизми, особено на локално ниво се многу комплицирани. Значи, има многу чекори коишто едноставно ги одвраќаат младите или некаде ќе се сплеткаат во тој процес и еден чекор ако се изостави, готово, не ви е легитимен процесот, се враќаат назад.“
Предлог за измени на Законот за младинско учество и законски политики е инициран од самите младински организации. Но, засега, велат дека нема реакција.
Па, „360 степени“ се обрати до Министерството за социјална политика. За забелешката дека две години не ја преземаат обврската за прочистување на регистарот, што пак треба да овозможи формирање на Националното советодавно тело, велат:
„Министерството ја покрена иницијативата за измена на законот и таа сега е во собраниска процедура. Со измената надлежностите поврзани со Регистарот (како и другите одредби во законот што се уште упатуваат на Агенцијата) се пренесуваат на Министерството. Времетраењето на процедурата зависи од Собранието и пратениците.“
Од министерството дополнуваат и дека се свесни за недореченостите, правните нејаснотии и неусогласеностите на одредени законски одредби, кои создаваат предизвици во неговото доследно и ефикасно спроведување.

„Токму затоа, определбата на Министерството е да не се пристапи само кон парцијални законски измени, туку кон сеопфатно преиспитување на постојните законски решенија, вклучително и начинот на водење и ажурирање на Регистарот, постапката за конституирање на Националното собрание на млади и функционалноста на останатите механизми за младинско учество.“
Во процесот, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади, ќе бидат вклучени сите засегнати – и институциите и младите.

Проблемите со спроведувањето на Законите за млади, а со тоа и вклучувањето на младите во носењето одлуки, не е типичен само за Македонија. Тоа беше една од темите на дискусија на настанот „Подгорица хаб“, кој се одржа на почетокот на месецов.
Црна Гора, на пример, се чини дека е понапред во поглед на формалното исполнување на механизмите за младинско учество.

„Генерално, што се однесува до младите, тоа никогаш не било проблемот. Ниту во локалните самоуправи, ниту на национално ниво. Властите секогаш биле волни да ги усвојат сите документи и тие никогаш не биле спорни. Но, она што би можело да биде спорно е на кој начин имаме имплементација… Значи на нашата иницијатива, повторно се доведовме во ситуација да ние бидеме тие кои ги влечат за рака носителите на одлуки, за на наша иницијатива да се реализираат активности од тие акциони планови и мислам дека на тој начини придонесовме тој процент на реализирани активности да биде повисок“,
вели Владимир Перазиќ од Мрежата за млади на Црна Гора.
Иако со пречки, за разлика од Македонија во Црна Гора функционираат речиси сите тела предвидени со тамошните закони. А за да се подобри реализацијата на ветените проекти за млади, ќе има нов закон. Едно од решенијата, објаснува Владимир Перазиќ од Мрежата за млади на Црна Гора, е во националното советодавното тело на иста маса да седат младите и дел од министрите.

„Мислам дека е добро што тој совет се издигнува на министерско ниво и што исто така ќе можеме, како некој што ќе има членство во тој совет, да имаме можност да ги адресираме сите оние горливи потреби на младите директно во самиот Совет.“
И Босна и Херцеговина има Закон за млади, но не еден туку повеќе. Такво е политичкото уредување на државата. Па, иако не може да се говори за единствена имплементација, некои предизвици се повторуваат, вели Слободан Благовчанин од Младинскиот ресурсен центар во Тузла.

„Се уште има општини во кои немаме основани локални собранија или совети и тука има неколку причини. Причина број еден е што општинските или градските служби не комуницираат со младите дека постои таа можност, а од друга страна, не дека би ги кривел младите, некогаш и апатичноста и летаргијата на младите да се здружат, да делуваат, да поминат низ тој процес на основање на собрание ве остава на тоа да, нели, немаат свое функционално тело. Имаме уште еден проблем, а тоа советите на млади формирани една генерација порано, кои функционираа, денес постојат само на хартија и за жал, во некои места не работат.“
И настанот во Црна Гора, каде се сретнаа млади од земјата-домаќин, Македонија, Србија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, како и оној во Скопје, беше поддржан од Европската унија.
Некако неминовно, се наметна и впечатокот дека Брисел често вложува повеќе енергија да ги вклучи младите од регионот во носењето одлуки, отколку националните власти.

„Мислам дека повеќе пари, повеќе време, повеќе ресурси, повеќе знаења и вештини се вложени од страна на ЕУ во нашите млади во БиХ, отколку од страна на луѓето кои ние ги плаќаме да се бават со тие работи“,
вели Слободан Благовчанин, Младински ресуресен центар – Тузла.
На декларативно ниво, нема политичари во земјава што се против младинското учество и финансирањето на програми за млади. Но, се чини, крајно време е зборовите да се претворат во дела.
„Секогаш кога има ребаланс на буџетот, прво на што се крати е студентски стандард или одредена прашања коишто ги поврзуваат младите бидејќи има едно чувство дека на крајот на денот младите ќе се снајдат. И тоа е вистина, само многу од нив не се снаоѓаат тука и си заминуваат во другите земји“,
вели Виктор Бучковски.
