На повредената жена првично ѝ била укажана лекарска помош во болницата во Гостивар, но поради сериозноста на повредите била префрлена на лекување во Скопје, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди
Од Јавното обвинителство информираат дека се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази во согласност со процедурата за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство

Жена била донесена во животозагрозувачка состојба во Клиничкиот центар во Скопје откако вчера била претепана од сопругот.
Од Министесртвото за внатрешни работи (МВР) потврдуваат дека вчера било пријавено оти 52-годишниот М.М. вчера физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга. Од МВР велат дека случајот вчера бил пријавен од таткото на М.М., а веднаш потоа лицето било лишено од слобода.
Според информациите од МВР, инцидентот се случил на 27 ноември околу 12:30 часот во семејниот дом. Од МВР велат дека осомничениот е лице со нарушено ментално здравје. На повредената жена првично ѝ била укажана лекарска помош во болницата во Гостивар, но поради сериозноста на повредите била префрлена на лекување во Скопје, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Полициски службеници од Полициското одделение Галате го лишиле од слобода осомничениот во 14:10 часот. При интервенцијата тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници, при што еден полицаец бил повреден. За настанот бил известен јавен обвинител, а М.М. бил спроведен во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци.
И од Јавното обвинителство денеска соопштија дека осомничениот е обезбеден и оти се постапува по случајот. Оттаму информираат дека се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази во согласност со процедурата за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство. Во постапката се вклучени и полициски службеници и Центарот за социјални работи.
Посочуваат дека правната квалификација на делото ќе биде утврдена дополнително, откако ќе се обезбедат и разгледаат сите докази.
