ДУИ го повика премиерот да се откаже од, како што ја нарекуваат, исклучувачката реторика, да престане со поттикнувањето тензии и да ги почитува Уставот и важечките закони. Исто така, од ДУИ упатија повик и до владиниот партнер Влен да ја напушти извршната власт

Последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека високото образование на албански јазик наводно било „имплант“, е уште еден доказ за неговиот исклучувачки пристап, велат од Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвинувајќи го дека со ваквата реторика го нарушува уставниот поредок, создава правна несигурност и поттикнува меѓуетнички тензии.
Во партиското соопштение, од ДУИ истакнуваат дека во важечкиот Устав не постои ниту една одредба со која се забранува високото образование на албански јазик, туку напротив, тоа право е загарантирано со важечкото законодавство.
„Парадоксално е што токму Мицкоски, кој со своите постапки го нарушува уставниот и правниот поредок, денес се обидува да го толкува Уставот, притоа кршејќи го, согласно сопствената политичка агенда. Изворот на тензиите не е образованието на албански јазик, туку политиката што ги доведува во прашање правата загарантирани со Уставот и законите“,
наведуваат од ДУИ.
Од партијата потсетуваат на укинувањето на балансерот, укинувањето на имињата на улиците и плоштадите во Тетово, иницијативите пред Уставниот суд за укинување на Законот за употреба на јазиците, како и исклучувањето на дијаспората од пресметката, со што, како што велат, се намалил бројот на советници во општините со претежно албанско население.
ДУИ го повика премиерот да се откаже од, како што ја нарекуваат, исклучувачката реторика, да престане со поттикнувањето тензии и да ги почитува Уставот и важечките закони. Опозициската партија упатија повик и до владиниот партнер Влен да ја напушти извршната власт и да се огради од вакците политики.
„Во спротивно, ќе биде коавтор и соучесник во овие исклучувачки, поттикнувачки и деградирачки политики“,
порачуваат од ДУИ.
