„Бараме пред Собранието да се одговори зошто нема одговорност, што се случува по секоја пријава, кој го проценува ризикот и кој проверува дали мерките за заштита се спроведуваат. Таму каде што имало пропусти, мора да има одговорност“, велат од партијата

Пратениците на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата бараат итно свикување собраниска седница со една точка на дневен ред – постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство и во заштитата на жртвите, откако синоќа жена од Гостивар во животозагрозувачка состојба била донесена во Клиничкиот центар во Скопје.
Од партијата велат дека веќе поднеле барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, и додаваат дека Собранието мора да побара одговори од надлежните институции и да утврди конкретни мерки и рокови за навремена заштита на жените.
„Уште една жена се бори за живот по пријавено семејно насилство. Жена од Гостивар синоќа била донесена во Клиничкиот центар во Скопје во животозагрозувачка состојба. Колку уште жени треба да бидат повредени за институциите предводени од ВМРО да ја преземат одговорноста и конечно некој да одговара?“,
прашуваат од партијата.
Сметаат дека е доста од, како што велат, институционален молк и непреземање одговорност оти „секоја жена што пријавува насилство мора да добие заштита веднаш“.
„Затоа бараме пред Собранието да се одговори зошто нема одговорност, што се случува по секоја пријава, кој го проценува ризикот и кој проверува дали мерките за заштита се спроведуваат. Таму каде што имало пропусти, мора да има одговорност“,
додаваат од СДСМ во соопштението.
Тие бараат одговорност и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и
Повикувајќи се на податоците од институциите, од партијата посочуваат дека во 2025 година биле регистрирани шест фемициди, а до ноември годинава се евидентирани седум убиства на жени. Само од јануари до октомври оваа година полицијата регистрирала 1 897 настани поврзани со семејно насилство, а според деветмесечниот пресек, над 80 проценти од жртвите на овие кривични дела се жени.
Во барањето доставено до Собранието, како податоци за потребата од свикување на седницата од СДСМ наведуваат и дека МВР во 2025 година евидентирало рекордни 4 745 пријави за семејно насилство од жени, а за десет месеци биле поднесени околу 967 кривични пријави.
