Директорите на чии клиники веќе се користи системот велат дека е безбеден, дека не е против персоналот и дека ќе помогне да се спречат злоупотреби со работното време
Од Лекарската комора и Синдикатот на вработените во Клиничкиот центар се критични – здравството не е фабрика. Природата на медицинската работа – дежурства, итни интервенции, продолжени операции и прекувремена работа – бара флексибилност и вреднување на резултатите, а не механичко „чекирање“ кое може да биде нефункционално, неправедно и подложно на злоупотреби, велат од ССКЦ
Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е клучната здравствена установа во државата за дијагностика и лекување заразни болести. Функционира во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и има околу 150 вработени – медицински и административен кадар.

Сите тие, од пред околу еден месец, имаат нова рутина при доаѓање и заминување од работа. Покрај употребата на картичките за евиденција на работното време, треба да направат двојна идентификација – да остават отпечаток од прст.
„За доаѓање на работа треба да се притисне Ф1, треба да се стави показалецот, и веднаш се регистрира името и презимето на секој еден вработен. За заминување од работа истиот принцип, само што тука притискаме ф2 и повторно – име и презиме на секој вработен“,
вели Даница Бошкоска, главна медицинска сестра на Клиниката за инфективни болести.
Апаратите се поставени на двата влеза на клиниката. Системот го покажува точното време на регистрација. Досега немало поголеми проблеми, вели главната медицинска сестра на Инфективната клиника, Даница Бошкоска. Станува збор за пробен период, па вработените имаат време да се привикнат на новиот систем, вели таа.
„Сето она регистрирање што било како досега, сега мислам дека многу сериозно ќе биде сфатено и дека секој еден вработен ќе се куца на време.
–Не се лутат дел од колегите?
Па видете, најпрво имавме потреба да бидеме сигурни дека ништо не правиме со оглед на личните податоци, нели за секој вработен треба да бидат заштитени, прво тоа нас ни беше битно. Како раководител, како директор и како главна сестра јас на клиниката, сметавме дека тој документ требаше да биде донесен, да не оштетиме никој од вработените, а се друго што е полесно за наша евиденција е многу подобро“,
вели Бошкоска.

Инфективна е една од првите клиники во Скопје каде Министерството за здравство го спроведува пилот-проектот за евиденција на работното време. Директорот на клиниката Фадил Цана вели дека станува збор за софистициран систем кој дава податоци во реално време. Тоа, според него, веќе придонело за подобра организација и поголема ефикасност во работењето.
Без оглед на кој систем ќе се спроведе. Секоја новина тоа е во природата на човекот да даде отпор. Нели се повикуваa на Законот за здравствена заштита, но мислам дека тоа е веќе средено со правилниците што веќе се излезени во Службен весник и со дозволата дадена од Агенцијата за заштита на лични податоци. Тоа е регулирано и на сите вработени им е кажано дека правно е тоа средено и дека е задолжително да даваат податоци. Затоа што нема никаков резон дека може да се злоупотребуваат тие податоци.
„360 степени“: Голем дел од критиките се однесуваа на тоа дека дел од лекарите, еве конкретно да речеме, поголем дел од времето го поминуваат во приватно здравство и работат паралелно и таму. Сега дали се намалува таа можност?
Сега јас не можам да зборувам поединечно за другите клиники. Кај мене таков случај нема, ниту имало, ниту има, ниту верувам дека во иднина ќе има. Но, факт е дека со фингерпринтот со тоа се намалуваат можностите за манипулација и злоупотреба.
вели Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.

На прашањето колку системот ќе донесе суштински промени во однос на здравствените услуги, во лекарската фела и за пациентите или станува збор за поголема контрола, Цана вели:
„Звучи како контрола, но со тоа јас, барем јас како тоа го доживувам, можам да споделам дека со овој систем некако се подигнува и одговорноста уште повеќе на вработените, дека со овој систем треба да се посовесни, поодговорни. И не дека е целта да се казнува, туку целта е и посовесно и поодговорно да се биде на работното место, а со тоа нормално дека ќе има импакт и во, да кажам нели, во услугите кон пациентите“,
додава Цана.
Проектот за евиденција на работно време преку отпечаток од прст и тоа во сите државни установи го турка министерот за здравство Азир Алиу. Целта, вели, е да се намалат злоупотребите и манипулациите со дежурствата.
Системот, барем засега, не предвидува казни.
„Голем дел на директорите, освен што го поздравија, други бараат да бидеме да го пилотирано кај нив, бидејќи ние сме мала држава и злоупотребите од типот куцање на три картички од еден вработен знаеме дека не е исклучок во нашата држава и често се случува. Фингерпринтот не може да се лажира. Има можности како тоа фактички од техничка гледна точка секако пробуваат и може сѐ да се случи, но има заштити и ние сме сигурни дека со овој пристап, со дигитализација на работното време уште еднаш не е против докторите и вработените во здравствениот систем, едноставно е да можеме тој бенефит на здравствени институции, на граѓани и на државата да го почувствуваме сите ние коишто живееме во оваа држава“,
изјави министерот за здравство Азир Алиу (20.04.2026г.)

Пробна употреба на системот, во моментов, има во Министерството за здравство и на три клиники. Ентизујазмот на министерот не го менува фактот дека има отпор кај дел од лекарите.
Од Самостојниот синдикат на вработените во Клиничкиот центар велат дека остануваат на ставот кој преку допис го доставиле до Министерството за здравство уште во јануари. Во него се вели дека евиденцијата на работното време со отпечаток е неприфатлива, понижувачка и спротивна на европските стандарди за заштита на лични податоци.
„Користењето биометриски податоци претставува сериозно задирање во личниот интегритет на вработените. Според меѓународните и домашните правни стандарди, ваквите мерки мора да бидат нужни и пропорционални, што во овој случај очигледно не е исполнето“,
велат од Самостојниот синдикат на вработените во Клинички центар.

Министерството, како што велат во реакцијата, избира пристап на контрола и недоверба, што дополнително го демотивира персоналот кој и онака работи под екстремен притисок.
„Здравството не е фабрика. Природата на медицинската работа – дежурства, итни интервенции, продолжени операции и прекувремена работа – бара флексибилност и вреднување на резултатите, а не механичко „чекирање“ кое може да биде нефункционално, неправедно и подложно на злоупотреби“,
додаваат од ССКЦ.
Став побаравме и од Лекарската комора на Македонија – што мисли стручната фела за новиот систем на евиденција на работното време.
Оттаму ни одговорија дека најавената мерка не го адресира суштинскиот проблем во здравството – квалитетот на услугите и исходите за пациентите, бидејќи физичкото присуство не е гаранција за професионален ангажман.
„Сакаме да укажеме и на тоа дека во пошироката јавност оваа мерка може да се доживее и како израз на недоверба кон медицинскиот кадар. Во услови кога здравствениот систем се соочува со сериозен одлив на кадар, секоја политика што може да влијае на демотивација треба внимателно да се преиспита. Важно е да се потенцира и дека отпечатокот од прст е чувствителен и неповратен личен податок, чија евентуална злоупотреба или протекување не може да се поправи како во случај кога постои злоупотреба на лозинка или картичка“
велат од Лекарската комора.

Од комората бараат поширока и стручна јавна дебата за системски решенија кои наместо да создаваат, какоа што велат, привидна контрола, ќе ја зајакнат одговорноста и ќе придонесат за вистинско подобрување на здравствените услуги.
„Воведувањето, одржувањето и управувањето со ваков систем бара значителни ресурси, кои можеби би имале поголем ефект доколку се насочат кон обезбедување на неопходните лекови и медицински материјали или да се насочат кон подобрување на условите за работа, опремата или дигитализацијата на здравствените услуги“,
додаваат од комората.
Некаде помеѓу резервите на дел од лекарите и ентузијазмот на министерот, е Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар. Таму се поставени три апарати.
„Самата евиденција е многу брза, значи апсолутно брзо, додека вадиш картичка, лево-десно, тука само прстот го ставаш.
–Кај вас не помина сега.
Не помина кај мене бидејќи јас сум евидентиран на трауматологија“
Директорот Игор Мерџановски вели дека наскоро ќе се инсталираат уште три апарати со што ќе бидат опфатени сите четири клиники кои функционираат во зградата. Но, додава, тест-фазата се спроведува само кај оние вработени кои доброволно се пријавиле.
„Секое ново решение може да предизвика почетна резерва, особено ако се доживее како дополнителна контрола. Затоа е многу важно да се комуницира со вработените, да им се објасни дека системот не е насочен према нив и против нив, туку е за воспоставување фер и транспарентни правила, за подобра организација на организационите единици и клиниките. Со отворен дијалог, објаснување во придобивките и вклучување во системот на сите вработени и верувам дека ваквите сомнежи ќе се намалат со текот на времето и дека овој систем ќе биде прифатен од сите“
вели Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ.

Дали системот ќе донесе суштински промени или ќе стане само екстра административна обврска? Мерџановски вели, мерката нема да ги реши сите предизвици во здравството.
„Подобрата евиденција на присуство и ангажман може индиректно да придонесе за поефикасно користење на човечките ресурси, што на крај ќе се одразува за подобри здравствени услуги коишто ќе се даваат на пациентите. Исто така треба да напоменам дека покрај овој дел којшто ние го правиме како пилот проект, потребни се инвестиции, кадровско засилување и подобрување на работните услови на работниците“,
додава Мерџановски.
Според најавите на министерот Азир Алиу, како ќе одминува времето, така ќе се шири бројот на здравствени институции во кои ќе се спроведува тест-фазата. Засега, сепак, нема прецизено одреден датум – кога системот ќе влезе во официјална употреба.
