Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија соопшти дека не постојат пречки европските авиокомпании да користат гориво од американско производство, сè додека тоа го прават безбедно. Поради тоа, Агенцијата издаде препораки за воздухопловниот сектор за безбедно управување со горивото
По предупредувањата на европските авиокомпании дека недостигот на керозин би можел да се случи во рок од неколку недели доколку ситуацијата на Блискиот Исток остане непроменета, Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија како алтернатива најави можност за увоз на гориво за авионите од САД.

Агенцијата вчера соопшти дека потенцијалниот недостиг на гориво би можел да ги принуди аеродромите и авиокомпаниите да се прилагодат на различен вид гориво. Оттаму посочија дека не постојат пречки европските авиокомпании да користат гориво од американско производство, сè додека тоа го прават безбедно.
Во комерцијалната авијација се користат главно два вида гориво. Џет A-1 е глобален стандард што се користи низ Европа, Африка, Австралија и поголемиот дел од Азија, додека Џет A првенствено се користи во САД и Канада. И двете се форми на керозин и се суштински слични, но Џет A-1 има пониска точка на замрзнување од Џет A.
Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија нема поголеми грижи во врска со безбедноста на горивото Џет A, наведувајќи ја неговата секојдневна употреба низ Северна Америка. Сепак, регулаторот стравува од конфузија за време на преодниот период. Поради тоа, Агенцијата издаде препораки за воздухопловниот сектор за безбедно управување со горивото.
