Првпат по речиси две децении, воената парада на Црвениот плоштад во Москва се одржа без учество на тенкови, ракети и тешко вооружување и беше сведена исклучиво на воени единици и традиционално прелетување на борбени авиони. Причината, како што наведе Кремљ, е тековната оперативна ситуација и зголемените безбедносни мерки
Во сенка на петгодишната војна во Украина, Русија денеска го одбележа Денот на победата со воена парада на Црвениот плоштад во Москва, која, по првпат по речиси две децении, се одржа без учество на тенкови, ракети и тешко вооружување. Воената парада по повод 81-годишнината од победата над нацистичка Германија беше сведена исклучиво на воени единици и традиционално прелетување на борбени авиони.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека властите презеле заострени безбедносни мерки за време на церемонијата поради заканите од Украина.
Во својот говор, кој траеше околу осум и пол минути, рускиот претседател Владимир Путин порача дека Денот на победата е најсветиот и најважен празник за Русија, нагласувајќи дека советскиот народ направил одлучувачка жртва во победата над нацизмот и, како што рече, го спасил светот.

Тој направи паралела помеѓу Втората светска војна и сегашната инвазија на Украина, тврдејќи дека руската армија се бори против агресивна сила која е поддржувана и вооружувана од целата НАТО-алијанса.
„Големиот подвиг на генерацијата победници ги инспирира војниците кои денес ги постигнуваат целите на специјалната воена операција. Tие се соочуваат со агресивна сила вооружена и поддржана од целиот НАТО-блок, но и покрај ова напредуваат. Победата отсекогаш била и ќе биде наша. Клучот за успехот е нашата морална сила, храброст и херојство, нашето единство и способност да издржиме сè“,
порача рускиот претседател во своето обраќање.
Воената парада се одржа додека е во тек тридневното примирје помеѓу Русија и Украина договорено со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.
