Во објавата на Трут соушл, американскиот претседател наведува дека барањето за прекин на огнот го упатил лично тој и оти многу го цени тоа што рускиот претседател Владимир Путин и претсадателот на Украина, Володимир Зеленски, се согласиле со него
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на социјалните мрежи објави дека на негов предлог Русија и Украина се согласиле на тридневен прекин на огнот, кој започнува утре (9 мај) и ќе трае до понеделник (11 мај).

Во објавата на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social), Трамп напиша дека прекинот на огнот ќе вклучува прекин на сите „кинетички активности“, како и размена на по 1 000 воени затвореници меѓу Москва и Киев.
„Со задоволство објавувам дека ќе има тридневен прекин на огнот (9,10 и 11 мај) во војната меѓу Русија и Украина. Прославата во Русија е за Денот на победата, но исто така и во Украина, бидејќи и таа имаше голем удел и беше фактор во Втората светска војна. Ова примирје ќе вклучува прекин на сите кинетички активности, како и размена на 1 000 затвореници од секоја земја“,
вели Трамп во објавата.
Тој додава дека барањето за прекин на огнот го упатил лично тој и оти многу го цени тоа што рускиот претседател Владимир Путин и претсадателот на Украина, Володимир Зеленски се согласиле со него.
Трамп, дополнително вели оти се надева дека прекинот на огнот е само почеток на крајот на долгата, смртоносна и тешка војна, додавајќи дека разговорите за нејзино завршување продолжуваат.
„Ова барање го упатив директно јас и многу го ценам договорот од страна на претседателот Владимир Путин и претседателот Володимир Зеленски. Се надевам дека ова е почеток на крајот на многу долга, смртоносна и тешко водена војна. Разговорите продолжуваат за завршување на овој голем конфликт, најголемиот по Втората светска војна, и секој ден сме сè поблиску“,
вели Трамп на крајот од објавата.
Инаку, Москва и Киев изминатите денови меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјата што секоја од двете земји посебно ги прогласи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи примирје што би започнало на 6 мај, како одговор на предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот од 8 до 9 мај, период кога Москва ја одбележува победата во Втората светска војна.
Засега нема коментари ниту од Москва, ниту од Киев во врска со објавата на Трамп дека е договорен тридневен прекин на огнот.
