Првиот човек на Карпош истакна дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ му се заканува и нему, на градоначалничката на Скопје, на советниците, на граѓани и бизнисмени
Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција пред општинската зграда, го осуди вчерашниот напад врз советникот Александар Илиевски и истакна дека овој инцидент само го покажува „примитивизмот во врвот на ВМРО-ДПМНЕ кој користи насилни методи за да дисциплинира членови на партијата“.
Јакимовски јавно го праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дали нападот на советникот Илиевски бил договорен за време на неговата средба викендот со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Карпош, Тони Јаревски.
„Морам да кажам дека и во минатото сме имале политички противници, сме имале причини за кои што се дискутирало, меѓутоа ваков преседан никогаш не се случил да биде нападнат советник од општина Карпош кој има различно мислење од неговата советничка група. Основната причина зошто е нападнат советникот, на којшто веќе подолго време му се праќаат закани, е за неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да може да прави поголеми опструкции од овие што сега ги прави. Јасно е дека советникот, со начинот на којшто функционира советничката група ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош, не се согласува подолго време и тоа е причина за заканување од колеги советници како и од обезбедувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски“,
рече Јакимовски.
Првиот човек на Карпош истакна дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ му се заканува и нему, на градоначалничката на Скопје, на советниците, на граѓани и бизнисмени.
Мицкоски, пак, одговори дека Јакимовски веќе една година го обвинувал него и семејството затоа што, како што рече, не ја поддржувал бетонизацијата со изградбата на повеќе катници во Карпош.
Причината е затоа што не ја подржувам бетонизацијата и гласање на детални урбанистички планови за висококатници и како резултат на тоа претпоставувам дека ќе продолжи понатаму, совет да престане со измислици и да се фокусира на работа за карпошани,
рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ.
Нападот врз советникот Илиевски денеска го осудија и од владејачката СДСМ нагласувајќи дека физички напад врз кој било граѓанин е недозволиво во европска и демократска држава.
„Советниците во општините се претставници на граѓаните и нападот кон нив е напад врз локалната самоуправа и врз демократијата. Во одредеи медиуми се појавија информации дека нападот е директно врзан со начинот на делување на ВМРО-ДПМНЕ, поради критики на советникот кон оваа партија. Дали е за раце во медот или нешто друго? Тоа мора да се истражи и да се лоцира одговорност. Факт е дека ова во многу наликува на ВМР0-ДПМНЕ. Апелираме надлежните институции да постапат по овој случај, виновниците за нападот да се лоцираат и казнат, за веќе вакви инциденти да не се повторуваат. Насилството не е и никогаш не може да биде решение за какво било недоразбирање“,
изјави Наталија Спировска, советничка на СДСМ во Советот на општина Карпош.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со контра обвинување, посочувајќи дека „насилство врз политички неистомисленик е метод на Оливер Спасовски“.
„СДС да одговори зошто МВР уште ги нема пронајдено виновниците за инцидентот. Насилството врз политички неистомисленик повеќе наликува на методите на Оливер Спасовски, со кој се служи цел свој мандат. Претепани новинари, закани врз пратеници, нерасветлени инциденти и убиства се дел од лепезата активности на Спасовски. ВМРО-ДПМНЕ осудува и не поддржува никаков вид на насилство“,
нагласија од ВМРО-ДПМНЕ.
Веста за нападот врз советникот Илиевски вчера ја споделија од Општина Карпош.
„Нападот се случил во 7:40 часот пред трговскиот центар ‘Антико’ во Карпош 4 додека Илиевски одел на работа. Непознатиот напаѓач ненадејно го нападнал при што му задал неколку удари во лицето, од кои му нанел видливи повреди. Инцидентот бил забележан од граѓани кои притрчале на помош, по што напаѓачот избегал“,
соопштија оттаму.
Од Општината посочија дека Илиески во изминатиот период јавно изразувал несогласување со политиките и одлуките на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ поради што добивал сериозни закани по живот преку СМС-пораки од непознати броеви, како и од страна на висок општински функционер во ВМРО-ДПМНЕ во разговор со неговиот татко.