Маглата и густиот смог не се новина за главниот град, кој неретко е на врвот на листата на најзагадени градови во светот
Годинава дополнителен проблем е ковид-пандемијата. Здравствените власти неколкупати алармираа дека загадениот воздух побрзо и подалеку го шири коронавирусот
Скопје се задушува во магла и смог. Најлошо е во вечерните часови кога околината околу нас станува речиси невидлива.


Фотографиите и видеото на „360 степени“ прикажуваат како доцна синоќа изгледаше Општина Аеродром, која важи за една од најзагадените скопски општини.
Иако видливоста е подобра во текот на денот, сепак е загадено.

Голем број мерни станици кои ги прикажува апликацијата „AirCare – Мој Воздух“ денеска покажуваат концентрација на ПМ 10 честичките далеку повисока од дозволените граници.

Според податоците што апликацијата ги црпи од државните мерни станици, пак, висока загаденост има и во Општина Центар, Карпош и Ново Лисиче.

Ова не е новина за главниот град во зимските месеци. Секоја сезона градот е меѓу лидерите во светот по загаден воздух и стана пример за тоа како не треба да изгледа една метропола.
Високо загадување има и во други градови, како Тетово, Кичево, Велес, Гостивар…

Годинава дополнителен проблем е ковид-пандемијата. Здравствените власти неколкупати алармираа дека загадениот воздух побрзо и подалеку го шири вирусот. Затоа, апелираат секаде да се носат заштитни маски.
Надлежните ветуваат засилени инспекции и повисоки казни за загадувачите
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, смета дека три компоненти се важни за да се намали загадувањето на воздухот – зачестен инспекциски надзор на индустриските капацитети, стимулација на граѓаните да го користат јавниот превоз наместо автомобилите и организирано затоплување на домовите.
Тој посочи дека деновиве се врши сериозен мониторинг со цел определени индустриски капацитети да не ја злоупотребат малата видливост заради маглата, и да испуштаат недозволени гасови. Појасни дека мониторингот се врши секоја вечер со термални дронови.
Засилени контроли и повисоки казни за загадувачите најави и министерот за животна средина Насер Нуредини. Според него, загадувањето на воздухот драстично се зголемува во вечерните часови бидејќи тогаш граѓаните ги затоплувале своите домови. Вели дека греењето во домовите е меѓу главните загадувачи, како и сообраќајот и индустријата.
Предлог за зголемување на казните за големите загадувачи стигна и до Владата, со што преку измени во Законот за прекршоци казните за загадување на животната средина треба да се зголемат до 20 пати.
На иницијатива на невладиниот сектор, неодамна беше формирана и интерпартиска парламентарна група, чија цел е заштитата на природата и борба против загадувањето и климатските промени. Во парламентарната група се вклучија 39 пратеници од новиот состав во Собранието кои припаѓаат на девет политички партии.
„Една од клучните работи кои во моментов ни се неопходни се цврсти и јасни законски регулативи, кои ќе ги затворат досегашните процепи низ кои загадувачите со години се извлекуваат, но и точно ќе ги постават ингеренциите на надлежните институции и ќе постават квалитетни практики за граѓаните“,
порачаа од Иницијатива „О2“
Освен на домашен терен, Владата се обврза на борба против загадувањето и со декларацијата потпишана од лидерите на земјите од Западен Балкан на Самитот во Софија во рамките на Берлинскиот процес.
Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан има за цел да оствари јаглеродно неутрален континент до 2050 година, заедно со ЕУ, преку воведување на строги климатски политики и преку реформи на енергетскиот и транспортниот сектор.
Со неа, лидерите се обврзаа дека ќе работат на намалување на загадувањето на воздухот, водата и почвата во Западниот Балкан, како заеднички интерес и на земјите од регионот и на ЕУ.