Освен задолжително носење маска на отворено, доколку состојбата се влоши, се размислува и за ограничувања на работното време на угостителите и намалување на бројот на патници во јавниот превоз
Постојат одредени истражувања кои покажуваат дека загадениот воздух, односно ПМ-честичките побрзо и подалеку го шират ковид-19. Затоа се размислува зиме да се препорача задолжително носење заштитни маски на отворено, со цел граѓаните да се заштитат и од настинки и од загадувањето, рече министерот за здравство, Венко Филипче во гостување на ТВ 24.
„Ќе процениме дали носењето маски треба да се препорача подоцна во есенските месеци и зимските месеци за луѓето да се штитат и од настинки, но и од загадениот воздух, поради тоа што има одредени публикации кои укажуваат на тоа дека со ПМ-честичките вирусот патува подалеку, многу повеќе од метар и половина до два. Тие вирусот го шират побрзо и подалеку“,
рече Филипче.
Освен заштитни маски на отворено, доколку состојбата се влоши, како нови мерки што би се предложиле се и ограничувања на работното време на угостителите и намалување на бројот на патници во јавниот транспорт.
Министерот посочува дека се прават подготовки и за најлошо сценарио, бидејќи во периодот што претстои, вели, исклучително е зголемен ризикот од трансмисија на вирусот, што може да предизвика наплив на пациенти во болниците.
Затоа, вели, сега се носат нови рестрикции во угостителството, со цел да се избегнат „тврди мерки“ и нов карантин.