„Како се чувствувате кога гледате дека нешто убаво и бесценето се уништува пред вашите очи? Дали чувствувате бес? Каде е тогаш тоа чувство кога ќе ја видите планетата како се уништува?“, рече еден од активистите лепејќи ја својата рака до познатата слика, додека другиот активист си ја залепи главата на сликата
Холандската полиција уапси три лица во музејот „Мауритшуис“ во Хаг, откако ремек-делото „Девојката со бисерна обетка“ на Јоханес Вермер стана најновата цел на активистите од организацијата „Сопрете ја нафтата“ (Just stop oil), објави Гардијан.
На снимката објавена на социјалните мрежи се гледаат двајца мажи кои стојат пред уметничката слика на себе носејќи маички со натпис „Сопрете ја нафтата“. Едниот се обидува да ја залепи својата глава на уметничкото дело, додека другиот врз него испразнува лименка со супа од домати.
Вториот маж потоа ја лепи својата рака до сликата и вели:
„Како се чувствувате кога гледате дека нешто убаво и бесценето се уништува пред вашите очи? Дали чувствувате бес? Каде е тогаш тоа чувство кога ќе ја видите планетата како се уништува?“,
вели еден од активистите на снимката објавена на социјалните мрежи.
BREEK – Meisje met de parel van Johannes Vermeer besmeurd in #Mauritshuis. pic.twitter.com/XzAZTOoBv9
— Steven Bakker (@Kolpen) October 27, 2022
На извиците „Срам да ти е!“, „Непристојно“, „Глупаво“ и „Бегај од таму“ од посетителите на галеријата, активистот рече дека „сликата е заштитена со стакло, но иднината на нашите деца не е“.
Во соопштението на музејот се наведува дека делото, кое било заштитено со стакло, не било оштетено.
Музејот „Мауритшуис“ е дом на бројни дела на холандски мајстори, вклучувајќи го „Девојката со бисерна обетка“ на Јоханес Вермер која се смета за нејзино најголемо богатство.
Претходно овој месец, демонстрантите за климата фрлија пире од компир врз сликата на Клод Моне во германски музеј, а во Лондон, активистите од „Сопрете ја нафтата“ истурија супа од домати врз познатата слика „Сончогледи“ на Винсент ван Гог во Националната галерија. И во двата случаи, сликите не се оштетени.