Лондонската полиција уапсила десетици демонстранти за време на церемонијата на крунисувањето на кралот Чарлс Трети и кралицата Камила. Како што пренесе Би-би-си, уапсени биле 52 лица поради различни причини.

Според објаснувањето од полицијата, лицата биле приведени поради неколку прекршоци, вклучително и тепачка, прекршување на јавниот ред, нарушување на мирот и предизвикување јавна непријатност.
„Протестот е легален и може да предизвика нарушувања. Полицајците имаат должност да интервенираат кога протестот ќе стане криминален и може да предизвика сериозно нарушување. Ова зависи од контекстот. Крунисувањето е настан што се случува еднаш во генерација и тоа е клучно внимание во нашата проценка“.
објаснила командантката на полицијата, пренесува Би-би-си.
Пред почетокот на церемонијата на крунисувањето полицијата го привела лидерот на антимонархистичката група „Република“, кој бил меѓу организаторите на протестите. Најголем дел од демонстрантите носеле блузи на кои пишувало „Тој не е мој крал“.

Апсењата во текот на денот беа критикувани и оценети како алармантни од невладините организации и активистите за човекови права, кои порачаа дека вакви настани може да се очекува да се видат во Москва, а не во Лондон.
„Извештаите за уапсени луѓе поради мирно протестирање против крунисувањето се неверојатно алармантни“,
посочи директорката на „Хјуманс рајтс воч“ од Обединетото Кралство, Јасмин Ахмед.
Протести беа одржани и во Глазгов, Шкотска и Кардиф, Велс, со натписи: „Укинете ја монархијата, нахранете ги луѓето“.
Официјалната церемонија на крунисувањето се одржа во Вестминстерската опатија. Кралот беше крунисан пред повеќе од 2 300 гости, меѓу кои многубројни шефови на држави и членови на кралски семејства.