Претседателот на државата Стево Пендаровски, заедно со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, денеска присуствуваше на свечената церемонија на крунисувањето на кралот Чарлс Трети и кралицата Камила во Вестминстерската опатија во Лондон. Пендаровски се заблагодари на поканата и испрати срдечни честитки до кралското семејство.
„Македонско-британските релации се темелат на заеднички и универзални вредности. Годинава одбележуваме јубилеј од три децении од воспоставувањето на дипломатските односи, кои сум уверен дека ќе продолжат да се продлабочуваат“,
напиша претседателот Пендаровски.
Од кабинетот на претседателот соопштија дека Пендаровски со сопругата вчера присуствувале и на прием во Бакингемската палата, приреден од кралот Чарлс Трети за странски гости – шефови на држави со кои Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска има дипломатски односи, за претставници на британските региони и прекуокеанските територии, како и за членови на кралското семејство и британската влада.