Манифестацијата се одржа во рамки на Светскиот ден на поезијата, што Северна Македонија го одбележа во УНЕСКО
Меѓународно чествување на Блаже Конески, по повод стогодишнината од неговото раѓање, а во знак на Светскиот ден на поезијата, што Северна Македонија го одбележа во УНЕСКО, се одржа денеска во Париз. По тој повод официјално беа објавени добитниците на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата и на „Мостови на Струга”.
„Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик, во чие творештво се вградени мудроста и мислечките предизвици на постоењето. Тој суптилно ни ја објаснува граматиката на животот, создавајќи арматура врз која се потпира не само континуитетот на нашата национална култура, туку е со свое значење и за светското поетско и мислечко наследство”,
истакна претседателот Стево Пендаровски во своето видео-обраќање на настанот.
Потсетувајќи дека стогодишнината од раѓањето на Конески е запишана во Календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО, министерката за култура, Ирена Стефоска, забележа дека ова чествување претставува и омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот.
„Не случајно песните на Конески, денеска во УНЕСКО, не ги слушнавме само на македонски, туку и на други јазици. Поетскиот збор не познава граници од кој и да е вид и не смее да познава”,
рече Стефоска.
Во текот на омажот, песни од Конески на своите јазици прочитаа високите дипломатски претставници во УНЕСКО Ферит Хоџа (Албанија), Вероник Роже-Лакан (Франција), Леонора Клеинова (Република Чешка), Метка Ипавиц (Словенија), Данијела Чубрило (Србија), Гази Герери (Тунис) и Микаел Шулц (Шведска).
„Прифаќајќи ја нашата покана да учествуваат на овој настан, секој од нив прифати да го стави своето камче во повеќејазичниот мозаик на поезијата на Блаже Конески што му го подаруваме на светот по повод Светскиот ден на поезијата”,
изјави амбасадорката на Северна Македонија во Париз и претставник во УНЕСКО, Јадранка Чаушевска-Димов.
Поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, додека краткиот осврт „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова Костиглиола.
Амбасадорката Чаушевска Димов ги објави имињата на добитниците на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на наградата „Мостови на Струга“.
Оваа година, Златниот венец ‘и припадна на Керол Ен Дафи, една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија.
Наградата за дебитантска поетска книга доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга“, му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград во 1988 година. Наградената книга „Париз, Тексас“, насловена според култниот филм на Вим Вендерс, на еден мошне суптилен и непретециозен начин говори за љубовната разделба без патетика и нуди поинаква перспектива на оваа вечна тема.
Настанот го збогати настапот на дуото на македонската флеитистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио, со интерпретација на две дела од народниот македонски музички опус – „Зајди зајди“ и „Гајдарско оро“, во аранжман на Мирослав Тадиќ.