Американскиот претседател истакна и дека ќе се воведат нови „силни санкции“ за Русија како резултат на нејзината воена инвазија врз Украина
Американскиот претседател Џо Бајден денеска во своето обраќање вети дека ќе се брани „секој сантиметар“ од територијата на НАТО, откако Русија испрати сили во Украина, но потврди дека нема да бидат распоредени американски војници кај сојузникот на Вашингтон.
„Како што кажав кристално јасно, САД ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО со целосна американска моќ“,
рече Бајден во обраќањето до нацијата од Белата куќа.
Бајден зборуваше и за тоа дека САД со недели предупредувале за овој напад, кој на крај и навистина се случи.
„Руската армија започна агресивен напад врз Украина. Ова е напад со предумисла. Со недели предупредуваме дека тоа ќе се случи. Путин е агресорот. Тој ја избра оваа војна и сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците“,
порача Бајден.
Американскиот претседател истакна и дека ќе се воведат нови „силни санкции“ за Русија како резултат на нејзината воена инвазија врз Украина.
„Денеска одобрувам дополнителни силни санкции и нови ограничувања за тоа што може да се извезе во Русија. Намерно ги склучивме овие санкции за да ги максимизираме долгорочните последици за Русија и минимумот за САД и нивните сојузници. Сакам да бидам јасен. САД не се сами во ова. Изградивме коалиција на партнери кои претставуваат половина од глобалната економија“,
истакна Бајден.
Американскиот претседател претходно во изјавата во средата навечер, по експлозиите во Украина, го осуди „неиспровоцираниот и неоправдан напад на руските воени сили“ врз соседната земја.
Во пресрет на обраќањето до нацијата по започнувањето на инвазијата на Украина, Бајден вети дека ќе воведе „деструктивен пакет санкции“ за Москва.
Порано денеска и рускиот претседател Владимир Путин зборуваше за воената инвазија над Украина, истакнувајќи дека е свесен за санкциите, но дека „неговата земја немала друга опција, освен воена интервенција“.