„Активен е и пожарот кај охридското село Косел, што се движи нагоре кон планината. Пожарот во атарот на Богданци отиде кон ветерниците и сѐ уште е активен. Воздухопловите не се во состојба да дејствуваат поради силниот ветер“, вели директорот на ЦУК
Чешки хелихоптер „блек хок“ денеска го гаси пожарот во атарот на селата Брезница и Тажево во близина на Македонски Брод. Ова попладнево го изјави Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи, посочувајќи дека овој пожар зафаќа голема површина и е многу тежок за гасење. Сепак, додаде дека од огнот не е зафатено ловиштето „Јасен“.
„Проблемот е што мора да се симне на помала надморска височина, да наполни вода, па да се искачи горее на повеќе од 1 400 метри, да ја истури водата и повторно да се врати. Благодарност до храбрите пилоти од Чешка. Пожарот од селата Брезница и Тажево се движи со крак кон ‘Јасен‘, но ловиштето не е зафатено од пожар. Вработените на ‘Јасен‘ не дозволија да навлезе во територија на ловиштето“,
вели Ангелов.
Покрај овој пожар, веќе неколку дена трае и пожарот на Илинска Планина, а е тежок, како што вели директорот на ЦУК, зашто зафаќа голема површина и создава црн и темен чад, што ја отежнува работата на воздухопловите.
„Активен е и пожарот кај охридското село Косел, што се движи нагоре кон планината. Пожарот во атарот на Богданци отиде кон ветерниците и сѐ уште е активен. Воздухопловите не се во состојба да дејствуваат поради силниот ветер“,
рече тој.
Активен е и пожарот во Општина Пробиштип во атарот на селото Зеленград, но не ја загрозува Пониква и викенд-населбата што се наоѓа во близина.
Под контрола, како што рече Ангелов, се ставени пожарите во Општина Кочани кај селото Пресека, Општина Свети Николе кај селото Патетино, Општина Пласница кај селата Пласница и Ластово, Македонски Брод и Општина Македонска Каменица кај селото Дулица.