Условен отпуст одредува исклучиво Судот и согласно закон може да се состои во посебни мерки на помош, грижа, надзор или заштита кои ги спроведува надлежен орган согласно со закон

Јавното обвинителство (ЈО) соопшти дека ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на осудениот Сашо Мијалков, кој ја разбрани јавноста, откако беше објавено видео како со автомобил „ферари“ пристигнува пред луксузен хотел во Монте Карло.
„Надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков даде негативно мислење. По донесената одлука со која му беше одобрен отпустот, обвинителот вложи и жалба, меѓутоа таа беше отфрлена како недозволена бидејќи во меѓувреме, со измени на Законот за извршување на санкциите објавени во ‘Службен весник’ на 2 април 2024 година, од членот 254 е избришана одредбата која предвидуваше обврска решението за условен отпуст да се доставува до јавниот обвинител, а со членот 256 практично целосно беше одземена можноста на јавниот обвинител да се жали на одлуката за условен отпуст. Тоа значи дека од тие измени јавниот обвинител ниту е известен ниту има можност да се жали на условниот отпуст“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Надзорот за условен отпуст го одредува исклучиво Судот и согласно закон (член 255) може да се состои во посебни мерки на помош, грижа, надзор или заштита кои ги спроведува надлежен орган согласно со закон, појаснуваат од ЈО.
Кога станува збор за предметот „Трезор“, надлежниот јавен обвинител и таму ниту еднаш нема дадено позитивно мислење за враќање на патната исправа.
„Напротив, на 31.5.2024 година обвинителот даде негативно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот, а потоа на 19.6.2024 година вложи и жалба на решението на Кривичниот совет со кое беше укината таа мерка на претпазливост. Позитивно мислење во тој предмет е дадено само во однос на укинување на гаранцијата и тоа по донесена правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд“,
стои во соопштението од ЈО.
Според цените што се споделени онлајн, како што објави „Скопје 1“, автомобилот марка „ферари“ на Мијалков, зависно од годината на производство, чини од 629 990 до 709 900 долари.
Мијалков беше обвинет и осуден за повеќе дела што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), но главно му застареа. Од сите дела, одлежа казна само за случајот „Империја“ во кој во спогодба со Јавното обвинителство призна вина и доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот во вредност од, како што првично тврдеше тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, 30 милиони евра. Подоцна имотот му беше проценет на речиси двојно помал износ.
Затворската казна наместо во „Идризово“ ја издржуваше во затворот во Струга, кој е од отворен тип.