Во 2008 година Нафтената индустрија на Србија (НИС) беше продадена на руски „Газпром нефт“ кој е мнозински сопственик

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешната средба во Белград со американскиот заменик-државен секретар за управување и ресурси, Ричард Верма, побарал подолг рок за примена на санкциите за Нафтената индустрија на Србија (НИС), кои беа воведени затоа што компанијата е во мнозинска сопственост на Русија.
Вучиќ, како што пренесуваат српски медиуми, побарал разбирање од САД и да ги поместат роковите за санкциите за 15-20 дена.
Во 2008 година НИС беше продадена на руски „Газпром нефт“, а во моментов, според официјалните податоци, „Газпром нефт“ и „Газпром“ имаат 56,15 отсто сопственост, додека 29,87 отсто е во сопственост на српската држава.
По средбата, Верма изјави дека целта на санкциите е да се отстрани Русија од сопственичката структура на НИС и дека тоа ќе придонесе за повеќе мир во регионот и диверзификација на српските енергетски извори.
Тој тврди дека Србија нема да трпи економски последици доколку ја отстрани Русија од сопственичката структура на Нафтената индустрија на Србија (НИС).
НИС е само една од 2 000 компании во руска сопственост што САД ги ставија на „црната листа“.
Вучиќ рече дека Србија во наредниот период ќе се потпира на енергетските резерви и дека нема да има недостиг на гас или нафта.
Во меѓувреме Вучиќ соопшти и дека Азербејџан проследил известување дека во наредниот период нема да може да испорачува 1,7 милиони кубни метри гас во Србија секој ден.