Ова тој го поврза и со структурата на Градскиот стадион, кој, како што наведе, има влезови и излези кои се бројат на една рака и упати апел до посетителите на концертот утре да бидат навреме пред Градскиот стадион
„Во интерес на безбедноста апелираме до сите присутни на самиот настан да ги почитуваат насоките што ќе ги даваат полициските службеници, како и од редарската служба, од агенциите за приватно обезбедување, како и насоките дадени од самиот организатор“, кажа началничката на униформираната полиција при МВР, Билјана Сарагинова, на денешната прес-конференција
Помошник-началникот за општа безбедност при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, Љупчо Ѓурчевски, кажа дека е изготвен посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување на музичкиот настан
Во Националната арена „Тодор Проески“ утревечер се очекува околу 50 000 посетители од земјава и од регионот да присуствуваат на концертот на Давид Гета, со кој ќе биде заокружена прославата на 35-годишнината од независноста на државата.
За безбедносните протоколи и организацијата денеска на прес-конференција говореа претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Бобан Милошески, сопственикот на „Авалон продукција“, која е организатор на музичките настани во рамките на одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста, меѓу кои и концертот на светски познатиот ди-џеј.

Милошески изјави дека сака и се надева дека утрешниот концерт ќе помине без никакви проблеми од безбедносен и организациски аспект, имајќи ја, како што рече, предвид инфраструктурата со која располагаме за вакви големи случувања.
„Ова е сепак пионерски обид и за нас како организатори и за полицијата како полиција, посебно за инфраструктурата каква што е таа со којашто располагаме“,
рече тој.
Сопственикот на „Авалон“ го спореди концертот на Давид Гета во Скопје со оној на американската рок-музичка група „Металика“, одржан во мај годинава во Атина, правејќи во тој контекст споредба меѓу големината на двата града и инфраструктурата со која располагаат. Овие два концерти тој ги оцени како најголеми на Балканот.
„Кога работиме на ниво како што е ова шоу на Давид Гета, Full Monolith Stadium Show, се разбира дека има многу правила и многу протоколи коишто ние ги имаме прифатено при самото потпишување на договорот, затоа што на крајот на краиштата правиме шоу за 50 000 луѓе коешто на продукциско ниво, со цела морална одговорност тврдиме дека покрај шоуто на Металика во Атина, во мај месец оваа година, ова шоу е најголемо шоу на Балканот. Нема шоу за 50 000 луѓе. Е сега тука имаме еден проблем, Атина како град е колку две-три Македонии, стадионот таму е исто така многу поголем и многу понов, и сега на нас е со најдобра можна организација и координација да се потрудиме да им овозможиме на посетителите што е можно полесно и поквалитетно да присуствуваат на овој настан“,
рече Милошески.
Во тој контекст, сопственикот на „Авалон“ се осврна и на замената на влезниците со нараквици. Рече дека ако немало замена на влезните со нараквици, концертот воопшто немало да се одржи.
Како што објасни, тоа било договорена обврска.

Според него, ако немало алки и се останело на влезници, проверката или нивното чекирање, терминот што го користеше тој на прес-конференцијата, ќе одземело екстремно многу време и, како што наведе, сигурно 70 отсто од публиката не би можела да влезе на стадионот во предвиденото време или, пак, ќе требало настанот да се одржи задутре.
Ова тој го поврза и со структурата на Градскиот стадион, кој, како што наведе, има влезови и излези кои се бројат на една рака.
„Така што, ова со алките треба да се сфати како една неминовност за одржување на концертот во интерес на времето, поради инфраструктурата за влез каква што ја има стадионот“,
рече тој.
Тој упати апел до сите кои имаат влезници, а не ги замениле со нараквици, тоа да го направат во текот на денешниот ден. Порача посетителите на концертот да бидат навреме пред Градскиот стадион.
„Значи, ве молам, ако вратите се отвораат во 17 часот, како секаде во светот на фестивали ќе има и други ди-џеи пред Давид Гета, да доаѓаат луѓе навреме пред 17 часот кога ќе се отворат вратите, бидејќи, повторувам, немојте после да плукате по организаторот, немојте после да плукате по полицијата затоа што биле затворени улици итн. Нема теоретска шанса 50 000 луѓе да влезат, да се приближат до стадионот, ако тоа не се прави барем четири-пет часа. Во два часа тоа е технички невозможно да се направи и затоа е оваа прес-конференција“,
рече сопственикот на „Авалон продукција“.

Началничката на униформираната полиција при МВР, Билјана Сарагинова, истакна дека поради тоа што станува збор за настан од поголем обем, Министерството и другите надлежни институции во соработка со организаторот ги преземаат сите соодветни мерки за негово безбедно одржување.
Непреченото одвивање на настанот и одржувањето на поволен јавен ред и мир, посочи таа, се приоритет на Министерството за внатрешни работи.
„Во интерес на безбедноста апелираме до сите присутни на самиот настан да ги почитуваат насоките што ќе ги даваат полициските службеници, како и од редарската служба, од агенциите за приватно обезбедување, како и насоките дадени од самиот организатор“,
рече Сарагинова.
Таа потенцира дека присутните не треба да носат предмети забранети за внесување на вакви настани.
„Во однос на овие предмети коишто се забранети за внесување на ваквите настани, тие се: огнено оружје, разни експлозивни материи, ладно оружје, ножеви, боксирачи и палки и останати предмети, стаклени шишиња, алкохолни пијалаци, лименки, сè со цел да се спречи каква било повреда, самоповредување или повреда на кое било друго лице. Исто така, апелираме да не се носат големи ранци или торби, бидејќи истите ќе бидат отстранети, за да немаме застој на самите влезови при влезот во самиот Градски стадион“,
рече таа.

Помошник-началникот за општа безбедност при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, Љупчо Ѓурчевски, кажа дека е изготвен посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување на музичкиот настан.
„Предвиден е посебен режим на сообраќај на приодите кон арената ‘Тодор Проески’, на дел од булеварот ‘Илинден’, сѐ со цел граѓаните непречено и навремено да пристигнат на настанот“,
кажа Ѓурчевски на прес-конференцијата.

