Во пресрет на 8 Септември – Денот на независноста, денеска се одржуваат и други настани, организирани од дел од државниот врв
Денеска во 19 часот, во касарната „Илинден“ во Скопје, по повод Денот на независноста – 8 Септември, Артилерискиот баталјон на Армијата на Република Северна Македонија ќе изврши почесна артилериска стрелба. Како што е најавено, ќе бидат истрелани 10 плотуни од шест артилериски орудија.

Од Генералштабот на Армијата информираа дека во 18 часот ќе биде извршена пробна артилетиска стрелба, со истрелување на еден плотун од шест артилериски орудија.
Почесната стрелба е дел од протоколарните активности на Армијата, кои се реализираат по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на државата.
Инаку, во пресрет на утрешното одбележување на празникот, денеска во Вилата „Водно“, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова организира прием на талентирани ученици и нивните ментори од основните и средните училишта, кои во минатата учебна 2025/2026 година учествувале на меѓународни научни олимпијади, а дел од нив освоиле медали, награди и признанија.
На приемот присуствува и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Утрово се одржува панел-дискусија на тема „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“. На неа, покрај претседателката, учествуваат поранешни политичари, државни функционери, пратеници, новинари и јавни личности.
Според најавата, учесниците во дискусијата ќе ги споделат видувања за политичките, институционалните и општествените процеси што доведоа до создавањето на независната македонска држава.
По повод одблежувањето на 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија, денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе приреди прием во заградата на парламентот.
Приемот, како што соопштија од Собранието, ќе се одржи во Кристалната сала на законодавниот дом, со почеток во 13 часот.
