Најкомплексна, како што рече, е состојбата кај местото Рамно на Скопска Црна Гора, во чие гаснење, покрај скопските пожарникари и екипи на ДЗС, се ангажирани и полициски хелкоптер и тимови од „Национални шуми“. Во гаснењето учествуваат и 30 припадници на Армијата
Високите температури и ветерот го направија вчерашниот ден еден од најтешките во оваа сезона на пожари, соопшти во денешната изјава за медиумите директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Регистрирани се 40 пожари на отворено, од кои триесетина се изгаснати, а четири сè уште се активни.
Според Ангелов, изгаснат е пожарот што неколку дена беше активен на македонско-косовската граница и во моментов нема горење од ниту една страна.
Со тоа, додаде, нема да има загадување на воздухот во Скопје.
Иако вчера бил ставен под контрола пожарот кај селото Милетино во Општина Брвеница, во текот на ноќта тој повторно е активиран. Но, по интервенција на пожарникарите и тимовите на ДЗС, во раните утрински часови повторно е ставен под контрола.
Сепак, додаде дека поради високите температури во текот на денот можно е повторно негово активирање.
Изгаснат е и пожарот кај селото Руѓинце во Општина Старо Нагоричане, каде пожарникарите со голем ризик и пожртвуваност го локализирале горењето кое зафатило голема површина.
Сепак, посочи дека најкомплексна е состојбата кај местото Рамно на Скопска Црна Гора, во чие гаснење, покрај скопските пожарникари и екипи на ДЗС, се ангажирани и полициски хелкоптер и тимови од „Национални шуми“. Во неговото гаснење учествуваат и 30 припадници на Армијата.
Активен е и пожарот кај Белица во Македонски Брод, кој во текот на ноќта не покажувал сериозни знаци на горење, но повторно се активирал во потоплиот период од денот. Според Ангелов, таму теренот е тешко пристапен, а на одредени места е и целосно непристапен.
Пожарот кој неколку дена е активен кај Селце и Локов во Струшкиот Регион, во текот на ноќта повторно се разгорел. Ангажирани се струшките пожарникари, а се очекува и воздухопловна поддршка.
Пожарот кај Тајмиште во Кичевскиот Регион е ставен под целосна контрола.
Ангелов најави дека во текот на денот се можни промени на состојбата, со оглед на високите темератури.
Според него, постои опасност да се разгорат нови пожари на отворено.
Апелира до граѓаните да бидат внимателни оти, како што рече, доволна е една искра за да настане вистинска катастрофа.
