Како што информираат од ЦУК во близина на селото Блаце во општина Чучер Сандево гори висока сува треба, нискостеблеста вегетација и шума на карпест и непристапен терен. Состојбата со пожарот ја следат вработени во Јавното претпријатие „Македонски шуми“
Во скопскиот регион во текот на вчерашниот ден имало вкупно седум пожари од кои еден е сè уште активен, информираат во утринскиот извештај од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според ЦУК, и понатаму е активен пожарот во близина на селото Блаце во општина Чучер Сандево, каде гори запалена висока сува трева, нискостеблеста вегетација и шума на карпест и непристапен терен. Состојбата со пожарот ја следат вработени во Јавното претпријатие „Македонски шуми“.
„Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје имаше полни раце работа на повеќе страни од Скопско, особено во доцните попладневни часови кога со поддршка од воздух од трите авиони ‘ертрактор’ на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР) ги изгасна тие што претставуваа опасност за населбите околу градот. При координацијата за гаснење на дел од пожарите, на терен беше и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, конкретно кај село Љубин, Општина Сарај, каде што покрај пожарникарите од БППЗ на Град Скопје, беа ангажирани и воздухопловите“,
се наведува во извештајот на ЦУК.
Од останатите шест пожари во скопскиот регион, покрај оној кај селото Љубин, во општина Сарај имало пожар и кај езерото Трескка, каде горел смет. Пожари имало и кај селото Горно Количани, во општина Студеничани, потоа два во Гази Баба, кај селото Страчинци и обиколницата кај селото Стајковци.
Скопските пожарникари интервенирале и во селото Злокуќани, во општина Карпош, каде горел смет. Сите шест пожари биле локазлизирани во периодот помеѓу 18:45 и 22:30 часот.
Инаку, како што додаваат од Центарот за управување со кризи вчера на територијата на државата имало вкупно 26 пожари.
Во врска со депонијата кај Волковија, Тетовско, од ЦУК велат дека таа сè уште чади.
„Од вчера се работело на затрупување на деловите што чадат. Територијалната противпожарна единица од Тетово гасела делови од депонијата, во рамки на можностите при вакви специфични ситуации. И денеска се работи со тешка градежна механизација за да се затрупуваат преостанатите делови што чадат“,
велат од Центарот за управување со кризи.