Премиерот рече дека нема да прифати инстант решенија и политика на двојни стандарди и оти и Бугарија мора да ги почитува пресудите од Стразбур за правата на Македонците
Уставните измени во формата која моментално се бара нема да се случат, кажа синоќа премиерот Христијан Мицкоски. Тој вели оти е подготвен да разговара со секого и секаде, сè додека не се изнајде одржливо решение кое ќе ја однесе државата до конечната цел, а во меѓувреме, според него, Владата ќе продолжи посветено да ја испорачува реформската агенда и да работи на создавање подобро општество и подобри услови за живот за сите граѓани.

Осврнувајќи се на барањата од Европската Унија, премиерот потенцираше дека во целиот процес работите мора да се постават принципиелно и без двојни стандарди, а дополнително, како што рече, исто како што претходната македонска влада презела одредени обврски кон Брисел, така и Бугарија има преземено обврски за почитување на човековите права.
„Сега од нас се бара по принципот, ние сме внатре вие сте надвор и вие сакате да дојдете внатре, да прифатиме тоа што е договорено, а од друга страна тоа што го прифатила некоја бугарска влада, во случајов почитување на човекови права, јасно е дека имаме дузина пресуди од Стразбур, од Судот за човекови права за македонската заедница во Бугарија, да се почитуваат нејзините човекови права, да се дозволи регистрирање на клубови на организации итн., тоа да не се почитува, а ние да го почитуваме“,
изјави тој.
Пристапот во кој од Македонија се бара безусловно прифаќање на условите само затоа што земјата е надвор од Унијата, Мицкоски го оцени како класичен булинг и непринципиелна политика која нема допирна точка со Копенхашките критериуми ниту со темелните европски вредности дефинирани од нејзините основачи.
„Ова не е шведска маса, па ова ми одговара, тоа не ми одговара, ова ќе си го земам, тоа ќе го оставам. Не, ова се принципи. Колку си играте со принципите, толку тежите како човек. Ако правите компромис со принципите тогаш кога вас ви одговара, тогаш губите на специфичната тежина како човек“,
кажа премиерот.
Премиерот вели оти крајната цел на оваа Влада е државата да стане полноправна членка на Европската Унија, а не само формално да го почне процесот со инстант или времени решенија, оти досега биле направени отстапки, како промените на знамето, банкнотите и уставното име, кои биле направени со ветување за брз влез во европското семејство, а наместо интеграција, земјава се уште стагнира.
„И секогаш беше онаа иста реторика, прозорецот е отворен, сега е моментумот, само уште ова направете го и завршено е. Како што гледате искуството не учи на потешкиот пат. Јас само се обидувам како прв човек во Владата да ги гледам работите малку појасно“,
заклучи тој.
