„Сè додека се врши овој притисок, и тоа од јавни политички личности и кога се знае дека во минатото г. Милошоски имал разни проблеми поврзани со имотот и неправдите спроведени кон семејството на „Пуцко петрол“, тоа е продолжение на притисок врз правдата и влијание што сакаат да го извршат врз сите спроведувачи на законите. Така што ова е прашање кое нè загрижува и тоа ќе го пренесам на сите мои средби“, вели лидерот на ДУИ во видеоизјава објавена на фејсбук-профилот на партијата
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска преку видеоизјава изрази загриженост за серијата обвинувања од страна на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во врска со прекинувањето на истрагата за предметот „Мазут“.

Прашан дали смета дека кампањата на Антонијо Милошоски против одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја прекине истрагата за случајот „Мазут“ е притисок врз судството и обвинителството и дали за тоа треба да се информира меѓународната заедница, Ахмети вели дека одговорот може да се пронајде во самото прашање.
Ахмети во изјава наведува дека станува збор за продолжение на притисоците и неправдите што во минатото биле вршени кон семејството Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“, а во кои, вели, бил вмешан и пратеникот и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Со актуелните обвинувања, вели лидерот на ДУИ, се врши притисок врз правдата и се прават обиди да се изврши влијание врз сите што се задолжени за спроведување на законите.
„Сè додека се врши овој притисок, и тоа од јавни политички личности и кога се знае дека во минатото г. Милошоски имал разни проблеми поврзани со имотот и неправдите спроведени кон семејството на ‘Пуцко петрол’, тоа е продолжение на притисок врз правдата и влијание што сакаат да го извршат врз сите спроведувачи на законите. Така што ова е прашање кое нè загрижува и тоа ќе го пренесам на сите мои средби“,
наведува лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјавата.
Демократската унија за интеграција претходно денеска и преку писмено соопштение ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за заканите и притисокот што, како што велат од опозициската партија, пратеникот Милошоски ги врши кон Обвинителството.
Од ДУИ оценуваат дека постапките на владејачката партија и нивниот пратеник наликуваат како да доаѓаат од режими како оној во Северна Кореја.
Од опозициската партија потсетуваат на претходните изјави на Милошоски и на судски процеси што се воделе против него, од кои, како што наведуваат, бил спасен единствено благодарение на измените на Кривичниот законик.
Реагираат и на толкувањата на извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР), велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ наместо да покажат храброст, да одлучат за ситуацијата и да прифатат законски одлуки, тие ја играат улогата на Тему-обвинители.
За овој, како што велат, невиден политички притисок врз правдата, ДУИ веќе ги известила меѓународна јавност, амбасадите и организациите.
Тие упатија јавен повик до јавниот обвинител, Здружението и Советот на јавни обвинители, САД и ЕУ, како и до медиумите да го осудат овој „брутален и неприфатлив терор врз правдата“.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот пратеник во Собранието, Милошоски, една недела ги повикуваат надлежните институции да го испитаат прекинувањето на истрагата за предметот „Мазут“, обвинувајќи ги шефот на ОЈО ГОКК и обвинителката Катерина Коларевиќ дека одлуката ја донеле работејќи по диктат на СДСМ и ДУИ.
„Таткото на Коларевиќ, Павле Марков, е избран за државен правобранител од владата на СДС во 1998 г. Мајката на обвинителката Коларевиќ, Вера Маркова, во 2004 од коалицијата СДС и ДУИ е избрана за уставен судија. Овие фамилијарни кариери на родителите во семејството Коларевиќ се цврсто поврзани со политичките номинации на владите на СДС. Прашањето е дали затоа обвинителката Коларевиќ, за осомничени како Васко Ковачевски, Адријан Муча, Асмир Јахоски и други блиски до Ахмети, Заев и Филипче, не постапувала со мотив да ја открие вистината, туку со мотив да го заташка предметот ’Мазут“ тежок 167 милиони евра“,
изјави Милошоски на прес-конференција во неделата.
За потсетување Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) пред точно една недела соопшти дека ја запрело постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Во предметот, кој беше отворен во март минатата година, осомничен беа 13 физички лица, меѓу кои и бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски, Ерџан Сулкоски, поранешниот директор на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, како и уште осум други лица вработени во ЕСМ.
Во интервју за „360 степени“ обвинителката на ОЈО ГОКК, Катерина Коларевиќ, кажа дека една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“ се исказите кои пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ, и тоа само пред два месеци – во март 2026 г. Таа додава дека претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ „Неготино“, овластени од сегашниот директор на ТЕЦ „Неготино“, на записник во обвинителството изјавиле дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака и дека договорите биле целосно испочитувани.
Од АД ЕСМ веќе најавија приговор до Вишото јавно обвинителство. Тврдат дека во него ќе нагласат дека паушално е спроведено вештачењето на доказите од кривичната пријава.
„Постапувачката обвинителка паушално го спровела вештачењето на доказите од кривичната пријава и неосновано ги искривила исказите на инженерите пратени на барање на Обвинителството за да ги образложат од технички аспект механизмите на спроведување на спорната набавка, како изговор за прекин на постапката. Во овој контекст, јасно укажуваме дека лицата повикани во предистражната постапка не биле ниту овластени ниту компетентни, а најмалку одговорни, да даваат коментари за евентуална финансиска штета. Нивната улога – согласно барањето на Обвинителката – била единствено да ги образложат техничките процеси при набавката на мазутот и реализацијата на планот за производство на електрична енергија во ТЕЦ ‘Неготино’. Видно, од наредбата за запирање на истражната постапка, на овластените технички лица од АД ЕСМ, иако некомпетентни во економската област – не им било предочено, ниту биле запознаени со вештиот наод и мислење во економската област, иако тој бил составен пред распитот. На вкрстени прашања од правните застапници на осомничените за време на распитот, техничките лица на АД ЕСМ само констатирале дека вкупните количини на произведена ел. енергија заклучно со април 2023 г. одговарала на потрошената количина мазут во ТЕЦ ‘Неготино’ и во тој поглед техничките лица само констатирале дека не била нанесена штета врз планот за производство, без да се елаборира дали потрошената количина била согласно тендерските услови и договорот“,
соопштија во петокот од АД ЕСМ.
