Во кабинетот на германската канцеларка во Берлин заврши средбата на Ангела Меркел со премиерот Зоран Заев. По состанокот не беа предвидени изјави за медиумите. Подоцна во денот е најавена изјава од премиерот Заев. Засега нема ниту официјални ниту неофицијални информации за исходот од состанокот од кој се очекуваше одговор на прашањето дали С. Македонија може да се надева на одлука за почеток на преговори за членство во ЕУ летово или наесен.
Премиерот Заев, придружуван од вицепремиерот Бујар Османи и шефот на дипломатија Никола Димитров, пристигна во кабинетот на канцеларката Меркел во 9:30 часот. Меркел ги дочека заедно со советникот за надворешна политика, Јан Хекер. Средбата траеше 40-ина минути.
Во обраќањето на годишната конференција на Стопанската комора на СР Германија за источна Европа синоќа во Берлин, премиерот Заев рече дека одлагање на почетокот на преговори не само што ќе наруши стабилноста на владината коалиција туку ќе „додаде гориво на ултранационализмот на претходните во владата“.
Вчера холандскиот парламент гласаше против отворање пристапни преговори со Албанија, а отфрли иста таква предлог-резолуција за С. Македонија.