Според британскиот премиер Кир Стармер, во ера на радикална несигурност, повеќе не може да се зема мирот здраво за готово и затоа мора да се инвестира во националната безбедност
Британската влада најави дека ќе набави 12 борбени авиони Ф-35А, кои можат да носат нуклеарни бомби, пишуваат британски медиуми. Ова го објави и британскиот премиер Кир Стармер на Самитот на НАТО во Хаг. Овие авиони, покрај нуклеарно, можат да користат и конвенционално оружје, а нивното купување претставува најзначајно зајакнување на британската политика за нуклеарна одбрана во последните неколку децении.

Како што објави британската влада, со оваа одлука Велика Британија по првпат ќе се приклучи на нуклеарната мисија на НАТО во воздушниот домен.
Со набавката на овие авиони од компанијата „Локид Мартин“ би можело да им се овозможи на британски воздухопловни сили да носат нуклеарно оружје првпат од Студената војна.
Набавката на авионите Ф-35A претставува и голема победа за Кралските воздухопловни сили, кои со години се залагаат за враќање на ваквите капацитети.
Последната британска нуклеарна бомба лансирана од воздух беше деактивирана од употреба по Студената војна. Оттогаш, британскиот нуклеарен арсенал се базира исклучиво на подморници на Кралската морнарица, што, според тамошните медиуми, исто така ќе бидат модернизирани во наредните години.
Новите авиони Ф-35A, се варијанта на веќе користениот Ф-35B и ќе бидат стационирани во Кралските воздухопловни сили „Мархам“. Секој авион чини околу 100 милиони фунти и се очекува да влезе во употреба во следната година или две.
Ф-35А има поголем дострел и носивост во споредба со моделот Ф-35Б, што го прави погоден за носење американски нуклеарни бомби Б61, кои се дел од арсеналот на НАТО во Европа.
Зборувајќи по вечерата на лидерите на НАТО во Хаг, на која присуствуваше заедно со американскиот претседател Доналд Трамп и домаќините, кралот и кралицата на Холандија, британскиот премиер Стармер рече дека во време на голема неизвесност, мирот повеќе не може да се зема здраво за готово.
„Затоа инвестираме во националната безбедност и се грижиме нашите вооружени сили да ја имаат потребната опрема, како и заедниците низ целата земја да имаат корист од инвестициите во одбраната. Овие повеќенаменски Ф-35 ќе отворат ново поглавје за Кралските воздухопловни сили и ќе ја зајакнат нашата способност да ги одвратиме потенцијалните закани“,
кажа тој.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека одлуката е донесена врз основа на нова стратегиска безбедносна проценка, која покажа дека Велика Британија повторно мора да се соочи со растечките нуклеарни ризици, бидејќи другите земји брзо ги модернизираат и прошируваат своите арсенали.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја поздрави одлуката, опишувајќи ја како уште еден силен придонес на Велика Британија кон безбедноста на алијансата.
Велика Британија ќе испорача и 350 ракети за воздушна одбрана на Украина.