Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да почне судењето за организацијата на настанатите во Собранието на 27 април 2017 година. На обвинителна клупа треба да седнат поранешниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски.
Судењето ќе го води судечки совет во кој прв судија е Илија Трпков, а втора судијка е Дијана Груевска-Илиевска, која дојде на местото на Владимир Туфегчиќ. Кога предметот беше распореден според АКМИС-системот, Туфегчиќ беше втор судија и веднаш бараше изземање кое претседателот на судот, Иван Џолев, го одби. Меѓутоа, тој испрати и второ барање до Џолев, а стигнало и известување од обвинителството, со наводи дека ќерка на судијата Ивана Туфегчиќ, како тогашна пратеничка, давала исказ за настаните од 27 април и поднела отштетно побарување.
Покрај Трпков и Груевска-Илиевска, во судечкиот совет има и тројца судии поротници.
Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски денеска во судница ќе се појават како обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за организаторите беа опфатени и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но затоа што тие се во бегство, како што соопштија од Обвинителство при поднесувањето на обвинението, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.
Обвинението за случајот беше поднесено уште на 31 мај 2019 година, но оценката на обвинителниот акт постојано се одложуваше бидејќи беа изземени осум од девет судии во Одделението за организиран криминал затоа што по разни основи биле поврзани, односно учествувале во останатите предмети што се водеа пред судот за настаните од „крвавиот четврток“.
Според истрага на обвинителството, осомничените го подготвиле и реализирале планот за 27 април 2017 година со цел да спречат мирно примопредавање на власта по парламентарните избори во декември 2016 година.
„За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ‘За заедничка Македонија’, што кулминираа со насилното влегување во Собранието. Обвинетите, како организатори, ги вклучиле севкупната партиска структура и материјалните средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“,
тврди обвинителството.
Во седиште на ВМРО-ДПМНЕ двајца од обвинетите, според наодите на обвинителството, континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.
„Во исто време, еден од осомничените, за кого постапката е прекината поради недостапност (Никола Бошкоски), со возило во сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг-собата во Собранието на Република Македонија да ги извадат хард-дисковите од собраниските камери“,
наведоа од обвинителството кога во мај го поднесоа обвинителниот акт.
Ова е втор поголем судски процес што ќе се води за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Најобемниот предмет за „крвавиот четврток“ заврши со првостепена пресуда. Во него беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 18 години затвор.
Покрај овој, се водеа уште неколку други случаи за учество во толпа и за насилство.