Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багеи, во телевизиско интервју изјави дека прекинот на војната и постигнувањето траен мир се приоритет на Техеран во разговорите со Вашингтон

Иран го испрати најновиот предлог до Соединетите Американски Држави преку пакистански посредници за прекин на војната, во време кога преговорите се чинеше дека се во застој, објавува иранската новинска агенција ИРНА.
Оваа вест доаѓа откако двете страни постигнаа договор за прекин на огнот на 8 април.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багеи, во телевизиско интервју изјави дека прекинот на војната и постигнувањето траен мир се приоритет на Техеран во разговорите со Вашингтон.
Како што пренесува агенцијата, денеска во телефонски разговори со министрите за надворешни работи на шест регионални земји, вклучувајќи ги Турција, Египет, Катар, Саудиска Арабија, Ирак и Република Азербејџан, министерот за надворешни работи Абас Арагчи ги изнел најновите позиции и иницијативи на Иран во врска со завршувањето на војната и агресијата од страна на САД и израелскиот режим.
„И покрај апсолутната недоверба кон американската страна поради повторените прекршувања на обврските, Иран, со добра волја и одговорност, а со цел да се стави крај на војната, влезе во нова рунда преговори со посредство на Пакистан“,
рекол тој.
Преговорите меѓу Техеран и Вашингтон се одржаа на 11 април во Исламабад, со учество на делегации предводени од претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Калибаф и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, но без постигнување договор.
Нова средба требаше да се одржи пред една недела, но американскиот претседател Доналд Трамп го откажа патувањето на американската делегација во Исламабад на разговори со Иран.
Трамп тогаш рече дека десетина минути по откажувањето на средбата, Иран испратил многу подобра понуда, но оти сè уште не е целосно задоволен од она што го добил од Техеран.
Американскиот медиум „Аксиос“, пред четири дена, објави дека Иран испратил нов предлог до Соединетите Американски Држави (САД) за деблокирање на Ормускиот Теснец и ставање крај на војната, додека разговорите за нуклеарната програма да бидат одложени за подоцнежна фаза.
Иранскиот план, според „Аксиос“, е доставен преку пакистански посредници и предвидува продолжување на прекинот на огнот на подолг рок или постигнување траен договор за прекин на војната, додека за нуклеарните разговори е предвидено да започнат дури откако ќе се деблокира теснецот и ќе се укине американската блокада.
