Иако тврдеше дека новиот ирански предлог е со подобар квалитет, Трамп сè уште не е целосно задоволен од она што го добил од Техеран

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека Иран испратил подобра понуда само десет минути откако тој објави дека го откажува патувањето на неговите претставници на разговорите со Иранците.
„Ни дадоа документ кој требаше да биде подобар, а интересното е што веднаш откако го откажав патувањето, во рок од десет минути, добивме нов документ кој беше многу подобар“,
рече Трамп пред да замине од Флорида за Вашингтон.
Иако тврдеше дека новиот ирански предлог е со подобар квалитет, Трамп сè уште не е целосно задоволен од она што го добил од Техеран.
Кога новинар на Си-ен-ен го праша за деталите од новата понуда, претседателот беше резервиран и не сакаше да навлегува во детали.
„Понудија многу, но сè уште не е доволно“,
рече кратко Трамп.
Попладнево американскиот претседател Доналд Трамп информира дека го откажал патувањето на американската делегација во Исламабад на разговори со Иран.
Тој рече дека премногу време е потрошено на патувања и оти им кажал на Стив Виткоф и Џаред Кушнер дека нема „да летате 18 часа за да стигнете таму, ние ги држиме сите карти во раце“.
Откако тој ја откажа посетата, шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи, кој беше во Исламабад, изјави дека не е јасно дали САД се навистина сериозни во дипломатијата.
Тој посетата на Исламабад ја оцени како многу плодна, додавајќи дека Иран ги цени добрите услуги и братските напори за враќање на мирот во регионот.
Арагчи во објава на неговиот профил на Икс рече дека на средбата го споделиле ставот на Иран во врска со функционалната рамка за трајно завршување на војната.
