Предметот за организаторите и нарачателите на „27 април“ е распореден кај судијата Илија Трпков. Тој со новиот годишен распоред е префрлен од Одделот за кривично-полнолетни во Одделението за организиран криминал.
Наскоро се очекува тој да го закаже и првото судско рочиште за овој предмет, но прво ќе има координација меѓу судиите во Кривичен околу термините бидејќи Миле Јанакиески, кој е обвинет за „27 април“, има судења во повеќе предмети од СЈО.
Илија Трпков, според податоците објавени на веб-страницата на Основниот кривичен суд Скопје, е избран за судија на 7 декември 2011 година, а како област на која работи е наведена „кривична материја“.
Од експонираните предмети во јавноста изминативе години, судијата Трпков ги водеше предметот за убиството на матурантот Ангел во Ѓорче Петров во мај 2014 година, како и случајот „Ровер“, каде што меѓу обвинетите беше и Љубе Бошкоски.
Судечкиот совет на чело со Трпков досуди 14 години затвор за убиството, пресуда која беше потврдена и од Апелацискиот суд. За случајот „Ровер“, пак, две пресуди паднаа пред Апелација. Со првата Бошкоски беше осуден на 12 години затвор, со втората на 10 години и 6 месеци, а во третото судење пред Трпков му даде ослободителна пресуда. Случајот „Ровер“ се однесуваше на убиството на Маријан Тушевски и Киро Камев во 2001 година, период кога Бошкоски беше министер за внатрешни работи. Покрај него, со трета пресуда, која беше изречена во октомври лани, уште шестмина добија ослободителна пресуда: инспекторот Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски, Никола Негриевски и Вук Вукичевиќ. Тројцата Срби, обвинети за директни извршители, добија доживотни затворски казни: Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ.
По „Ровер“, предметот за организаторите на „крвавиот четврток“ ќе биде највисоко профилираниот судски процес кој ќе го води овој судија.
На обвинителна клупа пред судечкиот совет ќе седнат поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Во истрагата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција беа опфатени и избеганиот експремиер Никола Гуревски и ексразузнавачот Никола Бошкоски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни за македонските органи.
Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Според обвинението, по неуспешните преговори за формирање влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016, тие изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата и да спречат примопредавање на власта.
Ова ќе биде втор поголем судски процес кој ќе се води за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Најобемниот предмет за „крвавиот четврток“ заврши со првостепена пресуда. Во него беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите, единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 18 години затвор.