„Сериозни обвинувања не смеат да бидат средство за дневнополитичка пресметка. ЗНАМ не отвора прашања за македонскиот јазик за да му обезбеди алиби на кого било, туку затоа што тоа е прашање од суштинско значење за државата“, велат од партијата
Во однос на обвинувањата за наводни средби, лобирања и поврзаност со Алта банка, оттаму бараат СДСМ да соопшти конкретни докази, факти и документи и доколку постојат докази за незаконски дејствија, надлежните институции да постапат
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се огласи со писмено соопштение по денешните реакции од СДСМ и од Алијанса за Албанците во врска со изјавата на лидерот на партијата Максим Димитриевски дека ЗНАМ ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот.

За потсетување, од опозицискиот СДСМ ставот на Димитриевски го оценија како обид на коалицискиот партнер во власта да му даде алиби на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за предвремени парламентарни избори. Социјалдемократите рекоа и дека лидерот на ЗНАМ треба да одговори на прашањето зошто имал состанок со поранешниот директорот на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) и ексминистер за одбрана и внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, за кого наведуваат дека е поврзан со плантажа за марихуана во Србија и со случајот поврзан со Алта банка.
Алијанса за Албанците го нарече Максим Димитриевски „патриот на батерии од Кина“
Од Алијанса за Албанците, пак, коментирајќи ја изјавата на Димитриевски, преку писмено соопштение, наведоа дека тој може да ја напушти Владата, бидејќи знае дека ќе има предвремени парламентарни избори. Според Алијанса, прашањето за правосудниот испит на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, му е потребно за да го искористи во предизборната кампања и да ја глуми улогата на „голем патриот“.
„Но, големиот патриот, всушност, е патриот на батерии од Кина. Што друго би им кажал на гласачите во кампањата? Ќе го вратиме името на државата? Ќе обезбедиме бесплатен јавен превоз? Ќе го реконструираме градскиот плоштад? Значи, сите други карти му се потрошени. Со ваквиот пристап се обидува, колку толку, да си го поправи рејтингот за 1%, но залудно“,
велат од Алијанса за Албанците.
Во врска со ставовите на СДСМ и Алијанса, од Движењето ЗНАМ одговорија дека кога нема аргументи за суштината на прашањата, остануваат навредите и обидите за политичка дискредитација.
„Квалификацијата ‘патриот на батерии’ најдобро зборува за политичката култура на оние што ја употребуваат, но не и за Максим Димитриевски. Во 2017 година, пред локалните избори, Димитриевски се откажа од пратеничкиот мандат и без политички калкулации влезе во изборната битка за градоначалник на Куманово. Не си остави резервна позиција во Собранието доколку ги изгуби изборите. Наспроти тоа, дел од тогашното раководство на СДСМ, кандидати за градоначалници, ги задржаа пратеничките мандати како сигурна алтернатива. Токму тука е разликата во политичкиот пристап и одговорноста“,
велат од ЗНАМ во реакцијата.
Оттаму наведуваат и дека патриотизмот не се мери со навреди, туку со одлуки, постапки и преземена одговорност.

Нема да отстапиме од своите принципи, велат од ЗНАМ
Посочуваат дека нивниот став за правосудниот испит е јасен – тој треба да се полага на македонски јазик, согласно Уставот и законите.
„Македонскиот јазик не е предмет на политички пазарења и коалициски калкулации. ЗНАМ е подготвен за разговори со владините партнери, но нема да отстапи од своите принципи“,
наведуваат од партијата.
Истиот принцип, како што додаваат, го застапуваат и во однос на евроинтеграциите. Велат дека сакаат Македонија да стане членка на Европската Унија, но не прифаќаат постојани еднострани отстапки кон Бугарија без реципроцитет.
„Нашиот предлог за одложено дејство на уставните измени останува на маса. Очекуваме почитување на правата на Македонците во Бугарија и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“,
се вели во соопштението од партијата на кумановскиот градоначалник.
Во однос на обвинувањата за наводни средби, лобирања и поврзаност со Алта банка, оттаму бараат СДСМ да соопшти конкретни докази, факти и документи и доколку постојат докази за незаконски дејствија, надлежните институции да постапат.
„Сериозни обвинувања не смеат да бидат средство за дневнополитичка пресметка. ЗНАМ не отвора прашања за македонскиот јазик за да му обезбеди алиби на кого било, туку затоа што тоа е прашање од суштинско значење за државата“,
велат од Движењето ЗНАМ.
