Трамп ги пофали напорите за посредување на Пакистан, велејќи дека преговорите по телефон продолжуваат

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека не е задоволен од најновиот ирански предлог за разговори за војната со Иран, додека министерот за надворешни работи на Иран изјави дека Техеран е подготвен за дипломатија доколку САД го променат својот пристап.
Коментарите на Трамп дојдоа откако иранските државни медиуми и еден пакистански функционер изјавија дека Иран го доставил својот последен предлог за преговори за завршување на војната.
„Тие сакаат да постигнат договор, но јас не сум задоволен од него“,
изјави Трамп додавајќи дека иранското раководство е „многу разединето“ и поделено на две или три групи.
Трамп ги пофали напорите за посредување на Пакистан, велејќи дека преговорите по телефон продолжуваат.
„Тие направија напредок, но не сум сигурен дали некогаш ќе стигнат до таму. Тие бараат работи со кои не можам да се согласам“,
рече Трамп пишува Ројтерс.
Од Белата куќа денеска рекоа дека нема да изнесуваат детали за приватни дипломатски разговори, одговарајќи на прашањето за новиот предлог на Иран упатен до САД преку посредникот Пакистан.
„Не изнесуваме детали за приватни дипломатски разговори. Претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје, а преговорите продолжуваат со цел да се обезбеди краткорочната и долгорочната национална безбедност на САД“,
вели во изјава за Ројтерс портпаролката на Белата куќа, Ана Кили.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека неговата земја е подготвена да продолжи со дипломатијата доколку САД го променат она што го нарече „прекумерен пристап, заканувачка реторика и провокативни дејствија“.
Сепак, Арагчи додаде во објава на својот Телеграм канал дека вооружените сили на Иран остануваат подготвени да ја бранат земјата од каква било закана.
Војната, која започна со американските и израелските напади врз Иран на 28 февруари, доведе до смрт на илјадници луѓе, додека затворањето на Ормускиот Теснец предизвика масовни нарушувања на енергетските пазари, задушувајќи 20 отсто од светските залихи на нафта и гас.
