Вархеји, на социјалната мрежа Икс, напиша дека Европската комисија жали за таа одлука, имајќи го предвид нејзиното влијание врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници низ Косово

Европската комисија жали што Централната банка на Косово одлучи да го укине динарот како платежно средство без претходна консултација и е особено загрижена за влијанието на таа одлука врз училиштата и болниците, вели европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји.
Вархеји, на социјалната мрежа Икс, напиша дека Европската комисија жали за таа одлука, имајќи го предвид нејзиното влијание врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници во Косово.
Commission's view on the latest regulation by Central Bank of #Kosovo which was set to enter into force on 1 Feb 2024:
— Oliver Varhelyi (@OliverVarhelyi) February 2, 2024
The Commission regrets that this decision was adopted w/out prior consultation given the impact this decision might have on the daily lives of Kosovo Serbs &
1/
„Комисијата го повикува Косово да се погрижи овој транзициски период да биде доволно долг за да се најде решение преку преговори во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ“,
додава Вархеји.
Денеска и главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер, изјави дека Европската комисија изразува жалење што последната одлука на косовската Централна банка за забрана на користењето на други валути во Косово освен еврото, која стапи во сила од вчера, беше донесена без претходни консултации.
Според него, ЕК не ја осудува одлуката за воведување на еврото во Косово, туку само изразува загриженост поради тоа што таа е донесена без претходни консултации и поради последиците и ризиците што може да ги има.
Мамер нагласи дека ЕУ многу јасно му посочила на Косово изминативе денови дека одлуката на Централната банка ќе влијае врз финансиската поддршка што овие институции ја добиваат од Србија и дека ќе беше соодветно пред да биде објавена, за неа да се разговараше во рамки на дијалогот Белград-Приштина за да се најде практично решение.
Тој додаде дека ЕУ ја поддржува претходно дадената изјава на Европската служба за надворешни работи, преку нејзиниот портпарол, за воведување преоден период за стапување во сила на оваа мерка.
Во Косово од вчера почна да се применува регулативата на Централната банка (ЦБК), која предвидува плаќања во готовина и платежни трансакции исклучиво во евра, со преоден период за граѓаните да се приспособат на регулативата.
Во указот на Банката се наведува дека ваквата уредба е донесена согласно Уставот на Косово и законот на Централната банка на Косово и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените апоени на валутата евро за оптек на територијата на Косово“.
Сепак, Централната банка на Косово наведува дека другите валути може да се користат само како вредност за чување во физичка форма или на банкарски сметки, за меѓународни плаќања или девизни активности.
Белград ги обвини властите во Приштина дека со оваа одлука се обидуваат да го откажат дијалогот и да го протераат српскиот народ од Косово, а српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека е убеден оти меѓународната заедница нема да го дозволи тоа.
Тој побара од Европската Унија и меѓународната заедница да извршат притисок врз Приштина да ја повлече одлуката.