Според него, ЕК не ја осудува одлуката за воведување на еврото во Косово, туку само изразува загриженост поради тоа што таа е донесена без претходни консултации и поради последиците и ризиците што може да ги има
Европската комисија изразува жалење што последната одлука на косовската Централна банка за забрана на користењето на други валути во Косово освен еврото, која стапи во сила од вчера, беше донесена без претходни консултации, изјави денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер.
„Оваа одлука може да има последици врз српската и врз другите заедници во Косово“,
рече Мамер.
Според него, ЕК не ја осудува одлуката за воведување на еврото во Косово, туку само изразува загриженост поради тоа што таа е донесена без претходни консултации и поради последиците и ризиците што може да ги има.
„Во моментов има институции, вклучително и училишта и болници, кои функционираат во друга рамка, добивајќи финансиска поддршка од Србија и ним им треба време со цел да се приспособат“,
рече главниот портпарол на ЕК.
Мамер нагласи дека ЕУ многу јасно му посочила на Косово изминативе денови дека одлуката на Централната банка ќе влијае врз финансиската поддршка што овие институции ја добиваат од Србија и дека ќе беше соодветно пред да биде објавена, за неа да се разговараше во рамки на дијалогот Белград-Приштина за да се најде практично решение.
Тој додаде дека ЕУ ја поддржува претходно дадената изјава на Европската служба за надворешни работи, преку нејзиниот портпарол, за воведување преоден период за стапување во сила на оваа мерка.
„Комисијата го повикува Косово да одреди доволно долг преоден период за да се најде решение преку преговори во рамки на дијалогот што се води со посредство на ЕУ“,
истакна Мамер.
Повикот на ЕУ за воведување доволно долг преоден рок за примена на одлуката за забрана на користењето на други валути во Косово освен еврото, со цел да се најде решение за ова прашање по пат на преговори, во понеделникот го упати портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на писмото на амбасадорите на Квинт упатено до косовскиот премиер Албин Курти со кое се бара одлагање на примената на оваа одлука, Стано истакна дека ЕУ е свесна за последиците што таа ќе ги има врз припадниците на српската заедница во Косово.
„Оваа одлука ќе има влијание врз секојдневниот живот на огромното мнозинство косовски Срби кои примаат плати или финансиска помош од Србија во српски динари. Затоа, имајќи ги предвид потенцијалните последици од оваа одлука врз процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија, очекуваме дека оние аспекти кои се однесуваат на српската заедница ќе бидат опфатени со дијалогот што се води со посредство на ЕУ“,
изјави Стано.
Во Косово од вчера почна да се применува регулативата на Централната банка (ЦБК), која предвидува плаќања во готовина и платежни трансакции исклучиво во евра, со преоден период за граѓаните да се приспособат на регулативата.
Во указот на Банката се наведува дека ваквата уредба е донесена согласно Уставот на Косово и законот на Централната банка на Косово и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените апоени на валутата евро за оптек на територијата на Косово“.
Сепак, Централната банка на Косово наведува дека другите валути може да се користат само како вредност за чување во физичка форма или на банкарски сметки, за меѓународни плаќања или девизни активности.
Белград ги обвини властите во Приштина дека со оваа одлука се обидуваат да го откажат дијалогот и да го протераат српскиот народ од Косово, а српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека е убеден оти меѓународната заедница нема да го дозволи тоа.
Тој побара од Европската Унија и меѓународната заедница да извршат притисок врз Приштина да ја повлече одлуката.