Примената на одлуката на ЦБК ќе почне денеска и предвидува плаќања во готовина и платежни трансакции исклучиво во евра
Во Косово од денеска ќе почне да се применува регулативата на Централната банка (ЦБК), која предвидува плаќања во готовина и платежни трансакции исклучиво во евра, со преоден период за граѓаните да се приспособат на регулативата.
Во указот на Банката се наведува дека ваквата уредба е донесена согласно Уставот на Косово и законот на Централната банка на Косово и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените апоени на валутата евро за оптек на територијата на Косово“.
Сепак, Централната банка на Косово наведува дека другите валути може да се користат само како вредност за чување во физичка форма или на банкарски сметки, за меѓународни плаќања или девизни активности.
Белград ги обвини властите во Приштина дека со оваа одлука се обидуваат да го откажат дијалогот и да го протераат српскиот народ од Косово, а српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека е убеден оти меѓународната заедница нема да го дозволи тоа.
Тој побара од Европската Унија и меѓународната заедница да извршат притисок врз Приштина да ја повлече одлуката, а во меѓувреме се сретнал со амбасадорите на земјите од Квинт – САД, Велика Британија, Италија, Германија и Франција. Но, по таа средба беше објавено дека нема да има никакво соопштение.
Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, пред тој состанок потврди дека примената на одлуката на ЦБК ќе почне денеска, на 1 февруари, и оти никој, па ни меѓународните партнери на Косово, не ја доведуваат во прашање законитоста на таа одлука.