Вакцината на „Астра Зенека“ е висококвалитетна, сите вакцини против ковид-19 се безбедни, но некои се покажале дека не се препорачливи за лица со алергии, како што е таа на „Фајзер“. За разлика од неа, „Астра Зенека“ која е добра за оваа категорија.
Ова го кажа претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, во вечерашното гостување на „Топ тема“ на телевизијата „Телма“ зборувајќи за вакцините против коронавирусот
„Голем број на земји се вакцинираат со „Астра Зенека“, вклучително и Велика Британија. Вакцината на „Астра Зенека“ е висококвалитетна. Она што се виде дека, всушност, не станува збор за безбедноста на вакцината, туку таа покажа помала ефикасност кај популацијата над 65 години. Но, вакцината обезбедува доволно антитела и кај оваа популација, односно обезбедува над 60 проценти заштита. Се потврди дека таа не заштитува од јужноафриканскиот сој на вирусот. Меѓутоа, тоа е нешто што може да го очекуваме во континуитет и за другите вакцини, заради мутациите ќе се јавуваат промени на самиот вирус“,
објасни професорката Грозаднова.
Таа потенцира дека приоритетите на нашите здравствени власти биле да добиеме вакцини кои се безбедни и ефикасни, а смета дека според бројот на популацијата Македонија многу лесно и многу брзо ќе ја заврши имунизацијата доколку брзо пристигнат поголем број на вакцини.