Во дебатата бугарски европратеници упатија критики кон С Македонија, обвинувајќи ја за наводно кршење на правата на Бугарите во земјата, спомнувајќи го вчерашниот случај со палењето на дипломатските возила во Скопје. Дел од нив се обидоа да се обратат и на македонски јазик, тврдејќи дека станува збор за бугарски дијалект
Како што пренесуваат бугарските медиуми, еден од амандманите вклучени во нацрт-извештајот за Северна Македонија на известувачот Томас Вајц, а кој се однесува на работата на Заедничката историска комисија и на историските споменици во земјата, би можел да не добие поддршка од мнозинството европратеници
Бугарската претседателка Илијана Јотова изрази надеж дека во консултациите меѓу политичките групи во Европскиот парламент ќе преовлада ставот амандманот да остане дел од извештајот, нагласувајќи дека неговата содржина произлегува од Протоколот меѓу двете земји, кој е дел од Преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија
Известувачите на Европскиот парламент за земјите од Западен Балкан ги презентираа нацрт-резолуциите од годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на државите во нивниот евроинтегративен процес.
Извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Црна Гора се претставени на денешната пленарна дебата во Европскиот парламент во Стразбур. На седницата учествуваше и комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, како и европратеници од различни политички групи.

Известувачот за Северна Македонија, Томас Вајц, оцени дека регионот продолжува да биде под силно влијание на надворешни фактори, потсетувајќи на конфликтите од 1990-тите години.
Според него, и покрај предизвиците, две земји во регионот успеале да избегнат масовно насилство – Црна Гора и Северна Македонија, посочувајќи дека токму овие држави имаат потенцијал да бидат меѓу водечките во процесот на проширување.
Иако реформите во земјите кандидати, како што рече, не се спроведуваат со посакуваната брзина, сепак, додаде дека и ЕУ треба да ги признае сопствените пропусти во исполнувањето на дадените ветувања и да го засили процесот преку делумна интеграција во единствениот пазар, роаминг-политиките и Единствената европска платежна зона.
Оцени дека пристапувањето на регионот носи значајни безбедносни и економски придобивки за Европската Унија, додавајќи дека по Црна Гора и Албанија, Северна Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи кон Унијата.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, порача дека е време за интеграција на земјите од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија, истакнувајќи дека земјите се изложени на хибридни закани.
Процесот на проширување, според неа, се темели на заслуги и постепена интеграција, а нагласи дека Европската комисија работи на можност за воведување бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан.

Бугарски европратеници со критики кон С Македонија
Во дебатата бугарски европратеници упатија критики кон С Македонија, обвинувајќи ја за наводно кршење на правата на Бугарите во земјата, спомнувајќи го вчерашниот случај со палењето на дипломатските возила во Скопје. Дел од нив се обидоа да се обратат и на македонски јазик, тврдејќи дека станува збор за бугарски дијалект.
Тие ги повикаа политичките фактори во Скопје да ги вклучат Бугарите во Уставот, доколку земјата сака да го деблокира процесот на пристапување кон ЕУ.
На дебатата е отворено прашањето за еден од амандманите вклучен во нацрт-извештајот за земјава.
Според дел од бугарските европратеници, неговото отстранување го предложил известувачот Томас Вајц, кој е член на Зелените во Европскиот парламент. Иако слични формулации постоеја и во претходните извештаи за напредокот на Северна Македонија, некои од европратениците оценија дека нивното бришење не ја менува суштината на обврските што произлегуваат од договорите со Бугарија и преговарачката рамка со ЕУ.
Европратеникот на ГЕРБ/ЕПП, Андреј Ковачев, рече дека преговарачката рамка го вклучува Договорот за добрососедство со Бугарија и придружните протоколи, и дека нацрт-извештајот ја нагласува потребата Заедничката комисија за историски и образовни прашања да работи врз основа на научни и објективни методи.
Европратеникот од Преродба/Европа на суверени нации, Станислав Стојанов, оцени дека предложениот амандман не содржи ништо спорно и дека слични текстови веќе биле дел од претходните извештаи за напредокот на Северна Македонија.
Европатеникот од Има таков народ/Европски конзервативци и реформисти, Ивајло Валчев, рече дека проблемот е што известувачот очигледно се обидува да предложи текст што е прифатлив за властите во Северна Македонија, наместо, таков што ќе ја одразува реалната состојба и договорените обврски.
Јотова: Амандман од нацрт-извештајот за Македонија може да не го помине филтерот на европратениците
Како што пренесуваат бугарските медиуми, еден од амандманите вклучени во нацрт-извештајот за Северна Македонија на известувачот Томас Вајц, а кој се однесува на работата на Заедничката историска комисија и на историските споменици во земјата, би можел да не добие поддршка од мнозинството европратеници.
Прашањето веќе предизвика реакции во Бугарија, откако бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека постои можност спорниот амандман, кој претходно беше усвоен во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, да биде отфрлен на пленарната седница.
„Имам вознемирувачки сигнали од мои колеги европратеници дека во последен момент ќе се направи обид да се отстрани амандманот што директно се однесува на работата на Историската комисија, формирана согласно член 12 од Договорот за добрососедство. Со тоа би се довела во прашање смислата на нејзината работа и нејзините идни заклучоци“,
рече таа.
Изрази надеж дека во консултациите меѓу политичките групи во Европскиот парламент ќе преовлада ставот амандманот да остане дел од извештајот, нагласувајќи дека неговата содржина произлегува од Протоколот меѓу двете земји, кој е дел од Преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.
Текстот на компромисниот амандман, за кој Јотова стравува дека ќе биде избришан, меѓу другото го признава постоењето на различни толкувања во врска со историските карактеристики на македонското општество, но и дека Извештајот нема за цел да го прејудицира или ограничи научниот дискурс по овие прашања, ниту пак дека таквите толкувања влијаат врз проценката за напредокот на земјава кон ЕУ, кој останува заснован на Копенхашките критериуми и на принципите на добрососедски односи.
Во продолжение, амандманот се осврнува и на работата на Заедничката историска комисија, како и на прашањата поврзани со историските споменици.
Гласањето за извештајот е закажано за утре напладне.
