Во извештајот се нотира дека демократските институции во земјата продолжуваат да функционираат задоволително, но се посочува дека политичката поларизација продолжува и ги одложува клучните реформи
Усвоената верзија на извештајот содржи и 11 компромисни амандмани на текстот, од вкупно 403 кои беа поднесени во март, а чија содржина сè уште не е објавена од Европскиот парламент, како и два засебни амандмани поднесени од бугарските европратеници
По денешното усвојување од АФЕТ, извештајот како целина сега треба да оди на гласање на пленарна седница на Европскиот парламент
Напредокот на Северна Македонија во однос на реформите на патот кон Европската Унија е недовелен, особено во делот на владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата, предупредуваат членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ). Ваквиот став на европарламентарците кои се дел од АФЕТ е наведен во првата реченица од соопштението откако денеска со 43 гласа „за“, 17 „против“ и 13 „воздржани“ го изгласаа извештајот за Северна Македонија, подготвен од европратеникот и известувач за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц.

Во извештајот, како што се наведува во соопштението, пратениците ја нагласуваат својата целосна поддршка за посветеноста на С Македонија кон членството во Европската Унија, но притоа нагласуваат дека напредокот во преговорите за пристапување продолжува да зависи од трајни и длабински реформи.
Во овој контекст, се нагласува потребата од, како што се вели, итна обнова на политичката посветеност и меѓупартиската соработка во земјата, и тоа не само во однос на усвојувањето на уставните измени што би овозможиле отворање на првиот преговарачки кластер.
„Тие (пратениците) жалат за недостигот на напредок од последниот извештај и нагласуваат дека итно се потребни обновена политичка посветеност и меѓупартиска соработка, не само за усвојување на потребните уставни амандмани што би овозможиле отворање на првиот преговарачки кластер“,
се вели во соопштението.
Политичка поларизација
Во усвоениот извештај од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент се нотира дека демократските институции во земјата продолжуваат да функционираат задоволително, но се посочува дека политичката поларизација продолжува и ги одложува клучните реформи и назначувања.
„Пратениците ги повикуваат сите политички партии да се повлечат од жестоката реторика и да соработуваат во унапредувањето на европската траекторија на земјата. Тие, исто така, забележуваат дека се доцни со сеопфатната изборна реформа (Изборниот законик н.з.)“,
се наведува во соопштението.
Владеење на правото и странско мешање
Изразувајќи загриженост за недоволниот напредок во делот на независноста на судството и напорите за борба против корупцијата, европратениците предупредуваат дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваат на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Пратениците нагласуваат и дека одржливиот економски раст на земјата зависи од зајакнувањето на владеењето на правото и судската предвидливост.
North Macedonia’s EU reform progress is insufficient, especially on the rule of law, judicial reform and the fight against corruption, warn @EP_ForeignAff MEPs in their latest report. 🇪🇺🇲🇰
— AFET Committee Press (@EP_ForeignAff) June 3, 2026
Press Release 👉https://t.co/0dMPDmNOOx
Rapporteur Thomas Waitz pic.twitter.com/kE3CLzUr2k
Европратениците, исто така, предупредуваат на координирани обиди за манипулирање со информативната средина и поткопување на довербата во демократските институции и европската иднина на земјата преку непријателско странско мешање и кампањи за дезинформации.
Истовремено, тие ја поздравуваат, како што се наведува, силната усогласеност на Северна Македонија со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на Европската Унија.
Европратеникот од редовите на Зелените и известувач за земјава, Томас Вајц, во своето обраќање пред членовите Комитетот рече дека усвојувањето на извештајот доаѓа во клучен момент за проширувањето на ЕУ.
„Драго ми е што АФЕТ го усвои извештајот за Северна Македонија во овој клучен момент за проширувањето на ЕУ. Земјата (С Македонија) неодамна презеде важни реформски чекори и од суштинско значење е Владата да ги продолжи овие напори и цврсто да остане на патот на интеграција во ЕУ. Иднината на Северна Македонија е во рамките на Европската Унија“,
вели Вајц во изјавата цитирана во соопштението.
Амандмани
Инаку, усвоената верзија на извештајот содржи и 11 компромисни амандмани на текстот, од вкупно 403 кои беа поднесени во март, а чија содржина сè уште не е објавена од Европскиот парламент, објави телевизија Телма.
Комитетот усвои и два засебни амандмани поднесени од бугарски европратеници, во кои се повикуваат двете влади и на Бугарија и на Македонија набрзо да ја одржат третата меѓувладина комисија со цел спроведување на Договорот за добрососедство и неговите протоколи, како и постигнување опипливи резултати од страна на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
„Текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народа врз основа на објективни, автентични и засновани на докази историски извори и документи, научно толкување на историски настани, како што е предвидено во вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија“,
се вели во дел од усвоениот амандман 374 на извештајот за Македонија во АФЕТ.
Пред гласањето Вајц им се заблагодари на, како што кажа, известувачите во сенка за конструктивните преговори, дури и во однос на тешките делови.
„Ги пишувавме овие компромиси со голема поддршка на петте групи и со делумна поддршка на уште две“,
рече тој.
По денешното усвојување од АФЕТ, извештајот како целина сега треба да оди на гласање на пленарна седница на Европскиот парламент.
