Европската политичка заедница е иницијатива која во мај 2022 година ја промовираше францускиот претседател, Емануел Макрон. Првиот самит се одржа во октомври лани, а на утрешниот се очекува да се дискутира за повеќе актуелни прашања како инфраструктура; сајбер-безбедноста; заедничката енергетска политика итн.
Премиерот Ковачевски ќе учествува на тркалезна маса за енергетиката, а предвидено е да има неколку билатерални средби, меѓу кои со претседателката на Европскиот парламент, премиерката на Данска и премиерот на Молдавија
Утре (1 јуни) во Кишињев, Молдавија, ќе се одржи вториот самит на Европската политичка заедница на кои ќе учествуваат 47 лидери.
Меѓу учесниците ќе бидат лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ, како и на шесте држави од Западен Балкан, но и Ерменија, Азербејџан, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Швајцарија, Турција, Украина, Велика Британија, Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и други.
Од Северна Македонија, на самитот ќе учествува премиерот Димитар Ковачевски кој ќе биде придружуван од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој ќе учествува на тркалезна маса на тема за енергетиката и поврзаноста, а предвидено е да има и неколку билатерални средби меѓу кои со: претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, премиерката на Данска Мете Федериксен, домаќинот – премиерот на Молдавија Дорин Речан.
На вториот самит на Европската политичка заедница, покрај за енергетиката, ќе се одржат неколку паралелни тркалезни маси, на кои ќе се дискутира за актуелни прашања како што се клучната инфраструктура; засилување на борбата против сајбер нападите; изработка на заедничка, паневропска енергетска политика и разгледување на можноста за повеќе универзитетски и студентски размени.
„Главниот фокус на разговорите ќе биде на следните три теми: заеднички напори за мир и безбедност; енергетска отпорност и климатска акција; и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент“,
велат од Владата.
Европската политичка заедница е иницијатива која во мај 2022 година ја промовираше францускиот претседател, Емануел Макрон, а која веќе по еден месец доби своја официјализација во јунските заклучоци на Европскиот совет. Првиот самит се одржа во октомври лани во Прага.