Премиерот се наоѓа во Прага каде што заедно со другите шефови на држави и влади учествува на првиот состанок на Европската политичка заедница. Лидерите на земјите членки на ЕУ, на пленарната сесија, како што велат од Владата, потенцирале дека целта на Европската политичка заедница е да се даде на земјите аспиранти чувство на припадност кон европскиот клуб пред нивниот формален пристап во ЕУ
Францускиот претседател Емануел Макрон ја потврдил поддршката за зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Тој на Фејсбук објави фотографија со Макрон од првиот состанок на Европската политичка задница што се одржува во Прага, Чешка, а беше иницијатива токму на францускиот претседател.
„Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага, уште еднаш ја потврди француската поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Денешниот ден означува почеток на поинтензивна соработка на ниво на Европа како континент, но и пошироко“,
напиша Ковачевски во објавата со фотографијата.
Првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага започна со официјален пречек на шефовите на влади и држави од страна на чешкиот премиер Петр Фиала.

Учествуваат вкупно 44 шефови на држави и влади од Европа, а на официјалната пленарна сесија воведно обраќање имаше Фиала кој истакна дека овој собир е значаен со оглед дека за првпат учествуваат шефовите на државите и владите од европскиот континент во пошироката смисла и зборуваат на рамноправна основа.
Во нашата делегација со Ковачевски се и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

„Станува збор за политичка дискусија на високо ниво со цел да се воспостави соработка на земјите од Европскиот континент во услови на светски и геополитички превирања. Фокусот на Европската политичка заедница се трите најважни и во моментот поврзани прашања кои ги обединува сите земји, а тоа е војната во Украина, состојбата во енергетиката и економијата. Беше нагласена важноста од солидарност со Украина и нејзиниот народ, како и зајакнувањето на рестриктивните мерки со цел да се зголеми притисокот врз Русија и да стави крај на војната“,
објаснуваат од Владата.
Целта на оваа средба е да се дејствува заеднички со што ќе се акцентира важноста од дијалогот за мир и безбедност, како и од заеднички решенија за диверзификацијата на изворите за снабдување со енергенси.

„Лидерите на земјите членки на ЕУ, потенцираа дека целта на Европската политичка заедница е да се даде на земјите аспиранти чувство на припадност кон европскиот клуб пред нивниот формален пристап во ЕУ“,
велат од Владата.
Дел од агендата во Прага е и учество на тркалезна маса посветена на енергетиката и економијата, а од Владата претходно најавија дека се предвидени и неколку билатерални средби.