Премиерот, велат од Владата, во дискусијата ги истакнал позициите на Северна Македонија и моменталната состојба, но и очекувањата и потребата од соработка за надминување на енергетската криза
Регионот на Западен Балкан е еден од најпогодените во енергетската криза затоа што производството на електрична енергија е базирано на лигнит и тоа од многу стари термоелектрани на јаглен, кои во дадениот контекст се неефикасни.
Ова било истакнато на лидерската тркалезна маса посветена на енергетиката и економијата што се организирала во рамки на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага.
На тркалезната маса учествуваше премиерот Димитар Ковачевски, а покрај него на дискусијата присуствувале и премиерите на Шпанија – Педро Санчез, Холандија – Марк Руте и Велика Британија – Елизабет Трас, како и останатите лидери на европските земји.
„Во фокус на дискусиите се сериозните нарушувања на енергетските пазари, како резултат на воената агресија на Русија врз Украина. Ковачевски заедно со лидерите на Обединетото Кралство, Шпанија, Австрија, Малта, Албанија, Холандија, како и Бугарија, Германија и Србија дискутираа за соработка и солидарноста низ Европа како неопходност во овој момент, а сè со цел земјите од Европа да се обезбедат и снабдат со енергија преку различни извори на снабдување“,
велат од Владата.





Премиерот, додаваат оттаму, ги истакнал позициите на Северна Македонија и моменталната состојба, но и очекувањата и потребата од соработка за надминување на енергетската криза.
„Дополнително предмет на дискусија е економската состојба во земјите и намалениот глобален економски раст поради зголемена несигурност што ја поттикнува инфлацијата ширум светот. Лидерите потенцираа дека европските економии се соочуваат со зголемени цени и со прекин на синџирите на снабдување, а како резултат на тоа, централните банки почнаа да ги зголемуваат каматните стапки, што прави притисок на домаќинствата и бизнисите“,
посочија од Владата.
Првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага започна со официјален пречек на шефовите на влади и држави од страна на чешкиот премиер Петр Фиала. Пред тркалезната маса за енергетика и економија, имаше и официјална пленарна седница што ја отвори Фиала.
Вкупно учествуваат 44 шефови на држави и влади од Европа, а во нашата делегација што ја предводи Ковачевски се и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.