Владата на денешната седница ја донесе Уредбата со законска сила со која ќе им се помогне на граѓаните и фирмите во исплатата на кредитите во банките.
Истата уредба викендов ја најави министерката за финансии, Нина Ангеловска, посочувајќи дека на граѓаните ќе им се овозможи да го одложат плаќањето на ратите за кредити за три месеци.
„Со Уредбата се утврдува како во текот на вонредната состојба да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите коишто заради коронакризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците. На Уредбата работеа Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација“,
соопштија од Владата.
Ангеловска во саботата објаснуваше и како би изгледало одложувањето во пракса. Тоа би значело замрзнување на ратите за наредните три месеци.
„Она што се уредува во оваа уредба е начинот на одлагање на ратите на долговите на граѓаните и на фирмите, односно истото ќе може да се направи без да се оди на шалтер во банка, без да се потпишува анекс итн. Како е тоа уредено и како ќе функционира? Уредбата моментално вели дека секоја банка ќе објави на својата интернет-страница или ќе го извести секој клиент за поповолната понуда. Ако физичкото лице во рок од 10 дена не се произнесе, односно не каже дека ја одбива понудата, ќе се смета дека поповолната понуда (замрзнување на ратите за три месеци) е прифатена“,
појасни министерката.
Кога станува збор за фирмите, тие ќе добијат понуда или известување од банките за одлагање на долговите за кредити, меѓутоа тие би имале и можност да изберат и други опции: одбивање, прифаќање на одложувањето, можност за плаќање на кредитот со поповолна камата итн.
Меѓутоа, Ангеловска рече дека треба да се почека прво да се донесе уредбата на владина седница, па потоа ќе излезат со прецизни детали за начинот како ќе се одвива целиот тој процес.
Со оглед на тоа што Уредбата помина на денешната седница, се очекува надлежните наскоро да ја објават во целост или министерката повторно да излезе на прес-конференција и да ја презентира финалната верзија.