Припадниците на затворската полиција ги извршуваат своите работни задачи институционално т.е. во казнено-поправните установи каде се вработени и немаат никакви овластувања да постапуваат по ничија наредба надвор од затворскиот систем и поврзано со службените задачи, како и вон работното време.
Од Управата велат дека со внимание ги проследиле објавите на медиумите во кои политичката партија „Левица“ бара од министерот за правда Никола Тупанчевски да го разреши директорот на КПУ Затвор Скопје – Филип Андов за наводно ангажирање на припадници на затворската полиција од Затворот Скопје и малтретирање на партиски член на прославата на државниот празник Илинден.
„Управата ја провери веродостојноста на наводите, и побара информација од директорот на КПУ Затвор Скопје. Согласно добиените сознанија, Управата за извршување на санкциите демантира какво било организирано учество на припадници на затворската полиција во настанот кој се случил во Крушево. Доколку некој во приватно својство учествува во таков или сличен настан, не може обвинувањата да се упатат на кој било функционер кој раководи со институцијата и на сите припадници на затворската полиција , како и да се политизира настан кој нема таква позадина“,
стои во соопштението на Управата за извршување на санкции.