„Жално е што власта по кој знае кој пат прави пародија од најсветиот македонски празник Илинден. Жално е што на овој начин не се најдоа сили да се изврши обединување, туку дополнително раскарување и поделба на народот“, вели Ковачки
„ВМРО-ДПМНЕ на Мечкин Камен свесно го сквернавеше Денот на Републиката, државниот празник го злоупотребуваше во дневно-партиски цели“, одговорија од СДСМ
Во тек се консултации за референдумското прашање, потенцираше Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за ТВ Канал 5.
Тој смета дека ако СДСМ е сигурен во она што го договорил и потпишал, треба да го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум.
„Во тек се консултации со интелектуалци, со целокупната македонска јавност и останати политички партии за тоа како треба да изгледа референдумското прашање. СДСМ знаеме дека бега од референдум и од изјаснување на народот, доколку се убедени дека навистина тоа што го договориле и потпишале е исправно, тогаш ајде да одиме на референдум па граѓаните нека одлучат,“
изјави Ковачки.
Ковачки нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа преговарачка рамка во која, како што рече, треба да се дискутира за историја и за постоење македонскиот јазик, потенцирајќи – ние сакаме во ЕУ но како горди Македонци.
„Во делот на негирањето на македонскиот јазик каде со еднострана изјава од бугарската страна се кажува дека тие не го признаваат македонскиот јазик, внимавајте, не ни го признаваат македонскиот јазик, а власта слави победа. Значи не признаваме преговарачка рамка во која македонскиот народ ќе биде понижен и ќе биде уништено достоинството,“
вели Ковачки.
Тој смета дека на вчерашната прослава на Илинден во Крушево имало повеќе полициски службеници отколку граѓани што, според него, покажува дека власта бега од народот.
„Жално е што власта по кој знае кој пат прави пародија од најсветиот македонски празник Илинден. Жално е што на овој начин не се најдоа сили да се изврши обединување, туку дополнително раскарување и поделба на народот“,
рече тој.
„Ковачки да не измислува, ВМРО-ДПМНЕ го сквернавеше Илинден“, возвратија од владејачкиот СДСМ.
„Граѓаните кои масовно, гордо и достоинствено го прославуваа празникот, му дадоа одговор на Ковачки и неговите сопартијци, кои покажаа незадоволство од нивното неодговорно однесување. ВМРО-ДПМНЕ на Мечкин Камен свесно го сквернавеше Денот на Републиката, државниот празник го злоупотребуваше во дневно-партиски цели. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ погази по идеалите на Крушевскиот манифест, ги погази жртвите од Илинденското востание, дадени за слободна држава“,
велат од СДСМ.