Фрапантно е, велат од ВМРО-ДПМНЕ, што Ковачевски упорно го лаже народот дека со преговарачката рамка е заштитен јазикот и идентитетот, а со неа всушност се дава можност на Бугарија доколку во Комисијата за историски прашања не се договорат во однос на одредено прашање да нè блокира, односно да стави вето на нашиот пат кон ЕУ, додека не се исполни бугарскиот ултиматум
Бегајќи од референдум, Ковачевски го игнорира на народот, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако попладнево премиерот Димитар Ковачевски во интервју за ТВ Канал 5 кажа дека ниту ќе има референдум по однос на францускиот предлог, ниту, пак, ќе има предвремени парламентарни избори, туку дека ќе следи нов чекор во развојот на државата.
„Фрапантно е што Ковачевски упорно го лаже народот дека со преговарачката рамка е заштитен јазикот и идентитетот, а со неа всушност се дава можност на Бугарија доколку во Комисијата за историски прашања не се договорат во однос на одредено прашање да нè блокира, односно да стави вето на нашиот пат кон ЕУ, додека не се исполни бугарскиот ултиматум. Што значи тоа? Тоа значи дека ставовите во однос на историјата мора да ги воедначиме со бугарскиот поглед, а тој гледаме дека ги негира јазикот и нацијата, па така имаме блокада за која ништо не пишува во рамката, но која би се случила доколку се промени Уставот и се почне со преговарање по бугарски услови. За на крај сето тоа да резултира со целосна бугаризација“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски, додаваат од партијата, го знае сето ова, но свесно турка бугаризација, само за ден повеќе да се задржи на власт. Затоа, додаваат оттаму, е потребен референдум, кој ќе го спречи предавството на Ковачевски и Пендаровски.
Во интервјуто за ТВ Канал 5, попладнево премиерот Ковачевски кажа дека ни треба опозиција што ќе се надмине себе си, опозиција што ќе зборува за тоа на кој начин побрзо ќе се одвиваат процесите кон ЕУ.
„Во моментов, треба да разговараме како да изгледаат преговарачките тимови и како да функционира Собранието. Сметам дека блокадите не треба да продолжат, особено што од септември не чека последниот дел од годината кој ќе биде исклучително тежок од аспект на економската криза“,
порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во интервју за телевизија Канал 5.
Во насока на енергетската криза, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат оти Ковачевски не прави ништо.
„Во однос на енергетската криза Ковачевски не направи ништо. Земјите од регионот набавија веќе залихи на гас, мазут и јаглен, а дополнително имаат и процентуално поголемо производство на струја, за разлика од другите Македонија со Ковачевски ја чека есента за во паника да набавува енергенси и да се расфрлаат со провизии поради високите цени кои ќе бидат присутни“,
велат од партијата.