„Со новата вредност на минималната плата Владата првпат во историјата на Македонија ќе направи цела група вработени во администрацијата кои досега беа малку над минималната плата сега да примаат само минимална плата. Со самото тоа, Владата го зголемува процентот на вработени кои примаат минимална плата на државно ниво од 13,8 проценти на скоро 18 проценти“, рече Трпе Деаноски од УПОЗ и побара скалесто зголемување на платите во администрацијата и правосудството
Со зголемување на минималната плата и немањето слух на Владата скалесто да се покачат и останатите плати ќе се оствари тоа што Синдикатот на УПОЗ го прогнозираше, а тоа е крах на системот на плати во администрацијата и правосудството, изјави денеска претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
„Со новата вредност на минималната плата Владата првпат во историјата на Македонија, ќе направи цела група вработени во администрацијата кои досега беа малку над минималната плата сега да примаат само минимална плата. Со самото тоа, Владата ги омаловажува и понижува своите вработени, и второ го зголемува процентот на вработени кои примаат минимална плата на државно ниво од 13,8 проценти на скоро 18 проценти“,
рече Деаноски.
До ваквата ситуација дојдовме, рече Деаноски, поради фактот што од моментот на воведување на минималната плата во 2012 година, па до последното зголемување во понеделникот, минималната плата ќе се зголеми за неверојатни 120 проценти, а платите во администрацијата и правосудството од 2012 година досега се зголемени за 9 или 10 проценти. Тој додаде и оти во последните неколку години, во одредени области на јавниот сектор платите се зголемени до 25 отсто, а „платите во администрацијата и правосудството не се зголемија ниту еднаш“.
Како што нагласи Деаноски, доколку Владата ги почитувала сопствените закони и вршела успогласување на платите со порастот на минималецот како што е и предвидено во членот 8 од Законот за минимална плата, до ваква состојба не би дошло.
„Во администрацијата и правосудството системот на плати е базиран на бодови кои се добиваат по два основа. Бодови за образование и бодови за ниво за кое е распореден вработениот. Доколку не се спроведе скалесто зголемување на платите ќе се случи вработените од пониските нивоа да ги престигнат вработените од повисоките нивоа, или вработените со средно образование да ги престигнат вработените со високо образование“,
изјави Деаноски.
Барањата за регулирање на платите во администрацијата и правосудството на начин што вредноста на минималната плата би се земала како основа на плата, а сите вработени би имале одредени бодови за ниво, според УПОЗ би било идеално решение бидејќи како што велат оттаму ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и прв пат во историјата ќе имаме усогласување на платите со минималната плата во администрацијата и правосудството.
Во спротивно, тие најавија дека ќе бидат приморани да ја активираат одлуката донесена во ноември и незадоволството на вработените да го изразат преку протести или преку други форми на притисок за други форми на штрајк.