Косовскиот министер за здравство посочи дека со Филипче разговарале за идните епидемиолошки предизвици што ги очекуваат двете земји, како укинувањето на задолжителните ПЦР-тестови на граничните премини
Министерот за здравство Венко Филипче заедно со заменик министерот Арменд Арслани, денеска се сретнаа со косовскиот министер за здравство Арменд Земај и неговиот тим. На средбата се разговараше за актуелната состојба со Ковид-19, но и за други аспекти и можна соработка во сферата на здравството помеѓу двете земји.
Филипче, како што соопшти Министерството, се заблагодарил на неговиот колега Земај за иницијативата за средбата и соопшти дека договориле неколку конкретни работи.
„Пред сé регионална работна група која тековно ќе ги следи состојбите на теренот и ќе ги носи потребните одлуки. Веќе се познати членовите на работната група од нашите две земји, а сега ги чекаме и членовите од останатите земји од регионот, согласно нашиот договор од првиот регионален состанок од пред десетина дена“,
рече Филипче.
Оваа работна група, додаде тој, ќе обезбедува континуирана размена на информации за епидемиолошката ситуација во земјите.
„Тоа ќе ни помогне да имаме подобро согледување на епидемијата во секоја од земјите и врз основа на тоа носење на заеднички одлуки, нешто што сите нас нé засега. Пред сé тука мислам на режимот на поминување на границите“,
изјави Филипче.
Министерот за здравство на Косово, Арменд Земај по средбата изјави дека целта на денешната посета е унапредување на односите меѓу двете земји во областа на здравството.
„Денеска успеавме да конкретизираме некои прашања. Се договоривме да продолжиме да работиме заедно во работни групи и да ја продолжиме соработката во интерес на двете земји. Оваа подготвеност покажува дека и натаму можеме да работиме заедно во одржување на здравјето на населението. Денес разговаравме и за другите епидемиолошки предизвици што не очекуваат во иднина, како на пример укинување на ПЦР тестовите“,
изјави Земај.
Тој нагласи дека со подобрување на состојбата постепено ќе се ослободува движењето на граѓаните.