Земјава, односно Фудбалската федерација е казнета со 10 000 евра поради исвиркувањето на бугарската химна пред почетокот на натпреварот, а дополнителни 4 500 евра е паричната казна поради фрлање предмети на теренот од страна на домашните навивачи за време на натпреварот, потврдија од ФФМ за „360 степени“
Фудбалската федерација на С Македонија е казнета од УЕФА со парична казна од вкупно 14 500 евра поради однесувањето на македонските навивачи за време на натпреварот од Лига на нации меѓу репрезентациите на С Македонија и Бугарија што се одигра на Арената „Тодор Проески“ во Скопје на 26 септември оваа година.
Земјава, односно Фудбалската федерација е казнета со 10 000 евра поради исвиркувањето на бугарската химна пред почетокот на натпреварот, а дополнителни 4 500 евра е паричната казна поради фрлање на предмети на теренот од страна на домашните навивачи за време на натпреварот.
Како што пренесува бугарската новинска агенција, македонскиот интернационалец Тодор Тодоровски, кој поради тежок старт над бугарскиот репрезентативец Марин Петков доби црвен картон во 17 минута, е суспендиран на еден натпревар.
Натпреварот меѓу С Македонија и Бугарија, кој предизвика доста реакции, се одигра на 26 октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, кој Бугарите го добија со 1:0, со голот на Кирил Десподов.
Од Фудбалската федерација на С Македонија за „360 степени“ официјално потврдија дека е изречена казна од 10 000 евра за исвиркување на химната и 4 500 евра за фрлање на предмети на теренот.
Оттаму најавија дека официјална информација и повеќе детали ќе дадат подоцна во денот.
Безмалку сите бугарски политички партии и лидери го осудија исвиркувањето на бугарската химна, а реакција стигна и од Министерството за надворешни работи на Бугарија, од каде што рекоа дека говорот на омраза против Бугарија и Бугарите од трибините на националниот стадион во Скопје e недвосмислено негирање на основните вредности на современите демократски општества и е во спротивност со европските принципи и норми на однесување.
Реакции со осуда имаше од македонските институции. Од Министерството за надворешни работи на упатија јавна осуда за, како што беше наведено во соопштението на МНР, говорот на омраза што можеше да се забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Република Северна Македонија и Бугарија.
„Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла“,
беше наведено во реакцијата од македонското МНР.
Премиерот Димитар Ковачевски по тој повод изјави дека најдобар начин е да се навива со бодрење на својот тим и почитување на противниците.